Македонските компании со паметно и рационално користење на енергијата може да ја подобрат својата конкурентност на домашниот и на странските пазари и да придонесат за намалување на емисијата на стакленичките гасови. Заштедата на енергијата најмногу зависи од посветеноста на компаниите за промени во начинот на работење.
Ова е заклучокот на денешната тркалезна маса „Зголемување на конкурентноста во индустриските компании преку подобрување на енергетската ефикасност со користење на системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија и реализација на проекти за намалување на потрошувачката и трошоците за енергија“ што денеска се одржа во Стопанската комора на Македонија во организација на Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент (ИМП) и Македонската енергетска асоцијација (МЕА).
На тркалезната маса беа презентирани неколку успешно имплементирани системи за управување со енергија во различни производни индустрии во Македонија, реализирани преку ИМП.
– Македонските компании мора да бидат извозно ориентирани доколку сакаат да бидат успешни, а за тоа мора да бидат конкурентни и да имаат трошоци на ниво на конкуренцијата. Енергијата е значителен трошок во работата на било која компанија, па затоа и малите заштеди значат големи придобивки во намалувањето на трошоците, а со тоа и подобрување на конкурентноста. Токму енергијата е единствената ставка каде можеме да заштедиме ако паметно работиме, бидејќи немеме многу простор каде да ги намалиме трошоците на други места, зошто работната рака е ниска како ставка, ресурсите имаат берзанска цена, а трошоците за транспорт се на високо ниво заради немањето пристап на море- рече Кочо Анѓушев, претседателот на МЕА.
Тој нагласи дека намалувањето на трошоците за енергенси може да биде во два правци од кои провиот е нивната цена да падне, а вториот е паметно и рационално да се користат.
– Проектот на УСАИД им помага на компаниите рационално да ја трошат енергијата, а за да го направат тоа треба да имаат увид каде во своите фабрики ја трошат енергијата. Неопходно е да инсталираат мониторинг систем, кој е дел од проектот, за да имаат сознание во кои точки од производниот систем има потрошувачка на енергија и колкава е за потоа да ја рационализираат и намалат доколку е можно- рече Анѓушев.
Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн посочи дека неефикасното користење на енергијата значително влијае на конкуренстноста на производствените компании на домашните и регионалните пазари, ја зголемува вкупната цена по производ и го намалува профитот.
– Досега со промош на ИМП сме им помогнале на 17 компании од Македонија да ги намалат своите трошоци за енергија. Со проектот се стремиме да ги оствариме и трите цели што си ги има поставено и Владата на Република Македонија, а тоа се зголемување на енергетската ефикасност, развој на приватниот сектор и намалување на емисијата на стакленички гасови- изјави Стајн.
Тој посочуи дека соработуваат и со финасиски институции за обезбедување на неопходните средства за имплементирање на мониторниг системите за управување со потрошувачката на енергија.
Директорот на ИМП, Драган Блажев нагласи дека со организациски мерки кои не чинат ништо, како што се промената на навиките и начините на управување, компаниите може да постигнат заштеди од 5 до 15 отсто.
– Доколку треба да се постигнат поголеми заштеди потребни се позначителни инвестиции за нова технолошка енергетски ефикасна опрема… Токму преку мониторниг системите можат рационално да ја следат и да управуваат со потрошувачката на енергија во рамките на нивните производствени капацитети- рече Блажев.
Нагласи дека ИМП нуди и помош за изработка на одредени проекти и студии во кои во зависност од потребите на компаниите може да се работи за замена на гориво, управување со врвното оптоварување, замена на осветлување,…
– Инвестицијата зависи од големината на компаниите и нивната посветеност на работа со овие системи. Некои компании со поголема потрошувачка на енергија вложените средства може да ги повратат за помалку од една година, а други за две, три, па и четири години- прецизира Блажев.
Преку ИМП досега е инсталиран систем за управување/следење на енергија во Кнауф Радика, Хај-тек корпорацијата, Алкалоид, Промес, Специјал продукт, Макпрогрес, Вивакс, Здравје Радово, Везе Шари, Нова рефрактори, Дуропак, Колид интернационал, Кадино индустри груп, Месер Вардар Техногас, Свислион, Мермерен комбинат Прилеп и ДИК Фагус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.