| четврток, 6 декември 2018 |

Северен Кипар се подготвува за воведување на еврото

Северен Кипар се подготвува за преминување кон еврото, а делегација на Европската централна банка во ноември ќе пристигне на островот за заедно со кипарските турски власти го подготви овој процес, информира турската приватна телевизија Си-Ен-Ен-Турк.

Според информација на кипарската турска телевизија БРТ, активностите за подготовка за воведување на заедничката европска валута нема да го чекаат постигнувањето на договорот меѓу лидерите на двете кипарски заедници и неговото одобрување на референдум.

По очекуваното постигнување решение за кипарскиот проблем турската единица во новата кипарска федерација уште една година ќе може да ја користи својата сегашна валута – турската лира, пред конечно да премине кон еврото.

Кипар од 1974 година е поделен на два ентитета, кога Турција го окупира северниот дел на островот по државниот преврат, подготвен од кипарски грчки националисти, поддржани од Атина, а кој имаше за цел земјата да ја приклучи кон Грција. Во 1983 година беше прогласена Севернокипарската турска република, која досега е призната единствено од Анкара. Меѓународно признатата Република Кипар во 2004 година стана членка  на Европската унија.

Мировните преговори што неколку децении се водеа под агендата на ОН досега не дадоа можност за изнаоѓање решение на конфликтот. Изборот на Мустафа Аканџа за претседател на северниот дел од островот, во април годинава, ги заживеа надежите за надминување на кипарскиот проблем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top