| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ пристигна и во Куманово

Куманово се приклучи на листата градови во Македонија каде што ќе се продава единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“.

Седум лица, корисници на услугите на Регионалниот центар за лица со интелектуална спреченост „Порака наша“ и на Дневниот центар за деца со посебни потреби од Куманово, од вчера се вклучени во продажбата на уличното списание, со што им се дава можност да имаат работен ангажман, како и поинтензивно вклучување во општествените и животни текови.

Промотивниот настан се случи на 21 октомври во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, каде што беше поставена и мини-изложбата „Рутина“, придружен дел на актуелниот број на „Лице в лице“, посветен на превенцијата и борбата против ракот на дојка, каде дојдоа бројни пријатели и поддржувачи на новите продавачи од „Порака наша“.

Од „Порака наша“ очекуваат дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на вклучени лица во продажбата.

– „Порака наша“ како организација која ги застапува правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост се вклучи во иницијативата бидејќи лицата со попреченост, исто како и останатите граѓани имаат право да работат и да заработуваат. Сите сме многу возбудени, и ние како нивни едукатори првпат сме во нешто вакво, очекувањата ни се големи, и нашите и на корисниците – изјави социјалниот работник од „Порака наша“, Светлана Милевска Димитриевска.

Куманово е шестиот град кој се приклучува во продажната мрежа на „Лице в лице“.

-„Лице в лице“ е важна алатка за социјална интеграција, преку која се обидуваме да им дадеме глас на лицата кои се на маргините на општеството. На наше големо задоволство стартуваме со одлични соработници од „Порака наша“ и силно веруваме дека 40—те продавачи низ Македонија ќе добијат одлични нови колеги. Продавачите на „Лице в лице“ се активни носители на општествени промени, и тоа во двојна улога. Еднаш, затоа што се работно ангажирани и го подобруваат својот живот, но во исто време се конекција со јавноста, до којa преку списанието испраќаме значајни пораки за подигнување на свеста за важни општествени прашања. Веруваме дека кумановци ќе ја препознаат потреба од една ваква иницијатива и ќе го прифатат предизвикот да бидат учесници во генерирањето позитивни промени во своето опкружување – истакна Анета Ристеска, една од уредничките на „Лице в лице“.

Половина од продажната цена на списанието „Лице в лице“ останува за членовите „Порака Наша“ и на Дневниот центар за деца со посебни потреби, кои ќе го продаваат списанието, а останата половина ќе се користи за обуки и за подготовка на следните изданија.

И градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, широко ја поздрави оваа заедничка иницијатива.

– Локалната власт ќе продолжи со поддршка на лицата со попреченост. Ги повикувам граѓаните да го купуваат списанието „Лице в лице“, и сите заедно да ја помогнеме инклузијата на лицата со попречености – порача Дамјановски.

Во Куманово во иницијативата се приклучија и волонтери средношколци од гимназијата и од техничкото училиште, а поддршка даде и пејачот Тајзи, со подарување на 50 цедиња за новите читатели на „Лице в лице“.

Кумановци, вчера, за прв пат, имаа можност да го купат 17-от број на Лице в лице, во кој, покрај темата во фокус, превенција од рак на дојка, имааат можност да прочитаат и портрет приказна за продавачот на „Лице в лице“, фотосторија за животот на мигрантите преку објективот на фотографот Томислав Георгиев, текст за улогата на уличното списание „Схедија“ во животот на 15.000 бездомници, жртви на грчката криза; младешките иницијативи и успесите на „Арно“ во делот на социјалното претприемништво и социјалните иновации, ставови за важноста на аспектот: креативност во образованието, преку текстовите на Јордан Шишовки и Весела Богдановиќ, осврти за градењето вредности кај децата и за (не)оправданоста на екстерното тестирање, видувањата за волонтерство на Кетлин Кори, директорка на програмата „Мировен корпус“, содржини за тајноста на податоците на пациентите, за органската храна, за пермакултурата… и уште многу други теми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top