| четврток, 6 декември 2018 |

Кожата на Заев поважна од националната безбедност

Законот за заштита на „свиркачите“ ги стави на испит капацитетот и искрените намери за вистинска борба против корупцијата на сите учесници во преговорите, но и на странските медијатори. Законското решение мора да биде во функција на спречување на криминалот, на корупцијата и на злоупотребата на државните функции, но никако не смее да биде поддршка за подривање на државните институции и за загрозување на државната безбедност.

„Свиркачите“ треба да бидат охрабрени да го идентификуваат чинот на сомнително противзаконско дејство, преку обелоденување на информациите што ги поседуваат. Тоа може да го сторат директно на судските органи или пак преку медиумите. Но, нивната улога мора да завршува тука. Законски, во ниту еден случај не смее да им се дозволи да преземаат насилни дејства за да го решаваат проблемот или сами да одредуваат казни за осомничените. Уште повеќе, законот не смее да ја надминува соработката со странските служби, како ни да одобрува парични награди за „нивната храброст“. Токму тука треба да се лоцира голем дел од одговорноста на Зоран Заев, Зоран Верушевски и на останатите обвинети во случајот „Пуч“ за што овие луѓе и ќе мораат да одговараат пред лицето на правдата. Затоа, законот во никој случај не смее да гарантира амнестија за овие луѓе. Конечно, нивната невиност ќе имаат можност да ја докажат пред надлежните судови.

Ова сигурно го имаат предвид странските посредници во преговорите, особено американскиот амбасадор Џес Бејли, кој е многу добро запознаен со третманот на „свиркачите“ во САД, особено во периодот на претседателствувањето на Барак Обама. Критичарите ја обвинуваат администрацијата на Обама дека води репресивна политика кон луѓето што се охрабриле да откријат нелегални дејства, наспроти заштитничкиот однос што го има кон посочените во протечените документи. Критиките ги темелат врз фрапантни податоци кои велат дека само за време на владеењето на Обама „свиркачите“ добиле затворски казни во траење од 751 месец. Меѓу нив најпознати се Едвард Сноуден и Челзи Менинг, а сѐ уште е активна потерницата и против Џулијан Асанж. За споредба, во периодот на владеењето на сите претходни претседатели на САД, „свиркачите“ добиле вкупна затворска казна од 24 месеци. Овие луѓе се третираат како шпиони и државни непријатели, а им се суди според федералниот законски акт за шпионажа од 1917 година.

Од друга страна, лицата посочени во објавените документи во врска со нелегалното прислушување и за тортурата врз осомничените терористи, досега не одговарале за ниту едно дело. Со други зборови, САД ги амнестираше осомничените, а гласниците ги прогласи за виновни. Тоа што за американскиот претседател е политиката за заштита на националната безбедност, кај нас се толкува како режимска политика и ускратување на демократските права.

Токму затоа, преговарачите, оние што нѐ убедуваат дека сето ова го прават во интерес на државата и на посредниците, оние што ни тврдат дека Македонија мора да ги почитува принципите на западната демократија, мораат на јавноста да ѝ разјаснат неколку дилеми:

  • Дали законските решенија кои се договараат во Пржино, вклучително и законот за „свиркачи“ ѝ дозволуваат на Македонија да спроведува демократија каква што негуваат останатите западни држави или за нас и во овој случај ќе важат специјални правила, со специјални закони и со специјални обвинители?
  • Дали институциите на државата ќе имаат право да ги штитат граѓаните и да го бранат суверенитетот од внатрешни и од надворешни шпиони, или разузнавањето и контраразузнавањето ќе биде под целосна контрола на дипломатите и на странските амбасади?
  • Дали граѓаните ќе смеат да ја дознаат целата вистина за „Пуч“ и за заднината на аферата со прислушување, или јавноста ќе смее да се информира само преку инсталациите на Сорос, медиумите на Заев и преку соопштенијата на странските амбасади?
  • Дали Македонија ќе биде првата земја која ќе го легализира нелегалното прислушување и однапред ќе ги амнестира сите оние што во иднина ќе имаат намера на сличен начин да ја загрозуваат безбедноста на државата, ќе дознаеме откако ќе завршат преговорите. Тогаш ќе знаеме и дали и во каков облик ќе биде забрането преобјавувањето на прислушуваните разговори што ги поседува Заев.

Во врска со тоа, многу интересно ќе биде да дознаеме дали лидерот на опозицијата, кој јавно застана во одбрана на новинарите и вети дека нема да дозволи ниту еден од нив да оди во затвор за објавените бомби, на преговарачката маса ставил и барање за укинување на затворската казна за новинарите кои би се осмелиле да објават материјали и документи за лустрираните кодоши.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top