Претставничките на Обединетите Нации во Македонија и Србија, Луиза Винтон и Ирена Војачкова-Солорано, изразуваат жалење поради „катастрофалната нерешителност“ на ЕУ во врска со имигрантската криза, при што истакнаа дека ОН успеала да реши многу потешки ситуации во земјите во развој, јави БТА.
ЕУ, која е соочена пред најтешката имигрантска криза од крајот на Втората светска војна, е поделена по прашањето за начинот на кој да се одговори на приливот на бегалци, кои сакаат да стигнат до Северна Европа и кои преминуваат преку Грција и балканските земји.
– За нас е разочарувачки да го гледаме ова, затоа што ние управуваме со ваков вид ситуации насекаде во светот, побрзо и на поефикасен начин и при катастрофални услови од хуманитарна гледна точка – рече Ирена Војачкова-Солорано.
– А таму нема катастрофални услови, туку ситуација на катастрофална нерешителност – истакна таа.
Координаторот на ОН ги посочи како пример Сомалија, Индонезија или Тајланд, каде што „ситуацијата е многу понестабилна, отколку во Европа“.
– ЕУ, кој е главен донатор на ОН за прием на бегалци во тие земји, бара многу построга примена на почитување на човековите права, на процедурите за регистрација – додаде Војачкова-Солорано.
– А тука во срцето на Европа и не изгледа дека тие норми се применуваат. Ако ние сме способни за една седмица да организираме камп и процес на регистрација на бегалците некаде во Сахара, мислам дека тоа е остварливо и во Европа – рече таа.
Двете претставнички на ОН се заложија за отворање центри за регистрирање имигранти во Бугарија и Грција, каде „бегалците ќе можат да бидат регистрирани и идентификувани и ќе можат да се одморат“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.