Во изминатото деноноќие најмногу дожд наврна во Лазарополе, 19 литри на квадратен метар, по што следуваат Дебар со 17 и Маврово и Берово со 16 литри на квадратен метар, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Крива Паланка и во Пожаране се регистрирани 14 литри воден талог на квадратен метар, а во Тетово, Виница и во Дојран по 12, во Претор 11, во Скопје 10, во Гевгелија осум литри на квадратен метар….
Според УХМР, времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, особено претпладне. Во текот на денот врнежите ќе престанат, а дожд повторно ќе врне кон крајот на денот и во вечерните часови. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Утринската температура ќе се движи од осум до 15, а дневната од 11 до 17 степени.
Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со умерен северен ветер, а во раните утрински часови сѐ уште ќе има слаби врнежи од дожд. Утринската температура ќе се спушти до 13, а дневната ќе се искачи до 15 степени.
Пообилни врнежи повторно ќе има во четврток кога на повеќе места се очекува да наврнат преку 25 литри на квадратен метар. Температурата ќе опадне за пет до осум степени во однос на денешната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.