| четврток, 6 декември 2018 |

Работните групи разговараат за отворените прашања од договорот од Пржино

Работните групи повторно се состанаа доцна попладнево во Клубот на пратениците за да разговараат за отворените прашања од договорот во Пржино.

Медијаторот во работните групи, Питер Ванхауте пред почетокот на средбата изјави дека нема прогнози дали вечерашните преговори ќе бидат поуспешни од синоќешните. На маса ќе бидат законите за влада, за т.н. „свиркачи“ и за прислушуваните материјали за кој белгискиот посредник рече дека очекува да биде во согласност со европските стандарди.

– Законите може да ги усвоите само ако имате амбиција да бидете членка на ЕУ еден ден, а таа амбиција може да ја имате само ако сте согласни дека тие ќе бидат усогласени со европските стандарди. Тоа треба да го одлучи работната група во наредните денови, рече медијаторот Ванхауте.

Изрази надеж дека вечерашните разговори нема да траат долго во ноќта затоа што, како што кажа, тоа е многу исцрпувачко за сите.

Во разговорите учествуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Средбата следи откако лидерите на четирите партии не успеаја да се усогласат по однос на точките од договорот од Пржино од 2 јуни и 15 јули, на разговорите вчера во резиденцијата на ЕУ кои траеја до раните утрински часови, и покрај медијацијата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top