| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска премиера на филмот „Незрели цреши”

nezreli cresi

Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар вечер ќе се одржи македонската премиера на краткиот игран филм „Незрели цреши“ на режисерот Небојша Јовановиќ. Филмот ги претставува тензичните моменти при крајот на воената криза во 2001 година, и во неговата подготовка се искористени и архивски материјали на Македонската радио-телевизија и на новинарката Мира Костиќ.

Коле Ангеловски, Изабела Новотни, Душица Стојановска, Селпин Керим, Александар Микиќ, Фисник Зекири и Ѓорѓи Тодоровски-Трупче се дел од актерската екипа на филмот. Дејството во филмот целосно се случува во воз во движење. Филмот беше копродуциран со водечката продукциска куќа „ФХ3Х“.

– Имавме прекрасно искуство при работата на овој филм во кој беа вложени чисти и искрени емоции – изјави актерот Селпин Керим на прес-конференцијата.

„Незрели цреши“ веќе предизвика значително внимание кога беше претставен во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, Грција, најголемиот фестивал за краткометражни филмови на Балканот и фестивал – партнер на Европската филмска академија. Филмот на Јовановиќ наскоро ќе биде претставен и на фестивалот на независни филмови во американскиот град Петалума, како и во Торонто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top