| четврток, 6 декември 2018 |

Со пропусница од ИД поминал низ Македонија

Сириец со патна исправа со која слободно можел да се движи на територијата на Исламска држава е првиот емигрант за кој постои сомнеж дека е терорист, пренесува српски „Блиц“.

Сириецот предминатата недела во Србија влегол од Македонија, а сомневањата дека станува збор за можен терорист се појавија во Прешево и тоа додека од џебот ги вадел своите документи. Во тој момент скокнал неговиот роднина кој патувал со него и му рекол да не покажува еден од документите. ­

– Тргни го тој документ, не покажувај го, му рече човекот од групата во која беше и Сириецот. Нашиот преведувач веднаш реагираше и го пријави случајот, а во понатамошната контрола се вклучија и припадниците на Државната безбедност – вели за „Блиц“ извор близок до српските безбедносни служби.

Припадникот на БИА тогаш го земал спорниот документ кој, како што подоцна било утврдено, е еден вид пропусница за движење по областите под контрола на Исламска држава. Во документот имало многу печати, но ниедна ознака на Исламска држава. ­

Според истиот извор подоцна, Сириецот бил детално претресен и било откриено дека на телото има многу лузни. Поради сомнеж дека станува збор за можен терорист веднаш е префрлен во притвор во Падинска Скела, каде што престојувал додека траеле проверките.

Подоцна е утврдено дека тој бил борец на страната на актуелниот претседател на Сирија, Башар ал Асад. Војувал еден месец, а потоа паднал во заробеништво на спротивната страна каде и ги добил лузните. Успеал да се спаси, но затоа одлучил со семејството да си замине од Сирија.

Српските безбедносни служби досега во Србија не регистрирале поминување на ниедно лице кое има поврзаност со терористичките групации. Вчера преку 10.000 емигранти беа блокирани во Србија, не можејќи да продолжат кон западна Европа поради ограничувања воведени од земјите од ЕУ, соопшти УНХЦР, додавајќи дека тоа е огромна бројка луѓе и дека ќе се појави недостиг на храна, облека и лекови.

Откако се затвори маршрутата кон Унгарија, бегалците преку Хрватска се обидуваат да стасаат во Словенија. Но, од вчера и Словенија со ограда од бодликава жица и со кучиња-­чувари го ограничи приемот на бегалци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top