| четврток, 6 декември 2018 |

Мора да го одржиме нивото кое ни го наметнаа Шпато, Бранѓолица, Џамбазов…

Настрана „Евровизија“ која има сосема друг пристап во однос на целата концепција, јас сум многу среќен што го одвоивме „Скопскиот фестивал“ од националниот избор за песна на „Евровизија“ , вели уметничкиот директор на фестивалот, Љупчо Мирковски.

Од 70 пристигнати песни на конкурсот на Македонската радио-телевизија, 18 композиции ќе бидат претставени на 12 ноември во „Метрополис арена“.Уметничкиот директор на фестивалот, Љупчо Мирковски, вели дека ни годинава не правеле нарачки, затоа што на конкурсот пристигнаа доволен број квалитетни песни.

Ова е фаза во која се утврдува конечниот список на изведувачи, аранжери и евентуални промени во текстовите. За десетина дена заедно со ревискиот оркестар влегуваме во студиото М1 на МРТ, каде почнуваме со снимање на матриците за песните одбрани за овогодишниот фестивал – вели Мирковски.

По минатогодишните нерегуларности во гласањето и првата полициска акција за спречување на измами во гласањето, годинава ќе се посвети посебно внимание на сигурноста на гласовите, кои и годинава ќе бидат збир од телевоутингот и стручното жири.Уредникот на културно-уметничката програма на МТВ, Мери Попова, вели дека како организатори на Скопскиот фестивал, МРТ и оваа година ќе направи сѐ што е во нивна можност и надлежност за да ги заштити фестивалот и учесниците од можни упади во системот за гласање.

– Сметам дека на сето тоа требаше да се стави крај еднаш – засекогаш! Во оваа пригода, повторно ја поздравувам минатогодишната полициска акција, иако да бидам искрена, на крајот не ми беше сосем сеедно, особено поради фактот што – наместо вложениот труд на целата екипа на МРТ и на сите учесници во фестивалот за да изгледа така совршено (каков што и беше), сепак насловните страници на весниците ги земаа полицијата и „лошите момци“ – вели Попова.

 

Годинава, фестивалот се одвојува од изборот за претставник на „Евровизија“, првенствено, како што вели Попова, поради тоа што „Скопски фестивал“ и „Евровизија“ се навистина два одвоени и независни проекти, пред сѐ во однос на песната.
– Различен е пристапот кон музичкото творештво, како и начинот на реализација. Од тие причини, повторно одлучивме да ги одвоиме како две посебни целини. Каков ќе биде изборот за годинашниот евровизиски претставник и пред сѐ на песна што ќе ја претставува Македонија на најголемата музичка натпреварувачка сцена, е сѐ уште во фаза на размислување и на анализи. МРТ има можност одлуката за начинот на избор да ја донесе до крајот на јануари идната година, а песната-претставничка да ја предаде на ЕБУ до март, кога се одржува традицоналнот состанок на Шефови на делегации – вели Попова.

 

Овогодишниот „Скопски фестивал“ сепак, останува предизвик и за композиторите и за изведувачите, бидејќи најдобрите добиваат 600.000 денари (првопласираните), и 450.000 денари и 300.000 денари за второ, односно третопласираните.Според Мирковски, огромна предност на фестивалот е да се има цел оркестар зад себе.

– Одговорноста паѓа на аранжерите кога е во прашање оркестарската изведба во живо, но мислам дека и пејачите чувствуваат поголема исполнетост и поголемо задоволство со голем оркестар како што е ревискиот, со педесетина музичари пред кои стојат – вели Мирковски.

Но, дел од композиторите и изведувачите се жалат на тоа што композициите на фестивалот мора да се приспособат и да се изведуваат со ревиски оркестар, иако неколку песни изведени изминатите години („Тешко без тебе“ и Тамара, Димитар Андоновски со „Ако ме боли“, „Врне, врне“ на Сара Мејс…), кои станаа хитови без разлика на аранжманот, му пркосат на оваа теорија.

Искуството на Мирковски како уметнички директор покажува дека аранжманот игра пресудна улога за една композиција за да биде целината приемчива за секој слушател.

– „Скопскиот фестивал“ е шлагерски, поп-фестивал, но не значи дека не провејуваат и современи звуци. Знаете и сами дека е тренд враќањето на свирењето во живо, земете ги примерите на Мајкл Бубле, Роби Вилијамс, Лаура Паусини и многу други познати светски имиња, кои своите светски турнеи и битни настапи ги имаат со живи музичари наспроти плеј-бекот. Јас ја сакам живата свирка и никогаш нема да ѝ пркосам во однос на електронската. Настрана „Евровизија“ која има сосема друг пристап во однос на целата концепциј, јас сум многу среќен што го одвоивме „Скопскиот фестивал“ од националниот избор за песна на „Евровизија“ – смета Мирковски.

Како таков, фестивалот важи за место каде што не може секој да настапи.

– Точно е дека се обидуваме да воспоставиме високи критериуми на оценување на претендентите за учество на фестивалот. Мораме да го одржиме нивото кое ни го наметнаа и оставија во наследство Шпато, Бранѓолица, Џамбазов…Пред сѐ, важно е да сме сигурни во спремноста на изведувачите во смисла на интонациски, сценски и гласовни способности, во изборот на аранжери и, секако, текстописци со интересни теми – вели Мирковски.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 162. број на неделникот „Република“, 9.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top