Обраќањето на претседателот Путин во име на Руската Федерација сосема се разликуваше од обраќањето на американскиот претседател, Барак Обама, во име на Соединетите Американски Држави. Претседателот Путин го нагласи фактот дека меѓународниот систем за светскиот поредок и за безбедноста зависи од принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, додека претседателот Обама апсурдно тврдеше дека САД имаат право да го игнорираат националниот суверенитет со цел да се „врати безбедноста“ на народите угнетувани од страна на „тираните“ и ја повтори доктрината на Буш дека САД ќе дејствуваат сами или со своите сојузници за да ги постигнат тие цели, што и да се случи.
Обама уште еднаш ја обвини Русија за агресијата во Крим и во Украина, го обвини Иран за спонзорирање на тероризмот во Блискиот Исток, ја обвини Кина за кршење на меѓународното право во Јужното Кинеско Море, ги обвини Куба и нејзиниот народ за наметнатото ембарго за трговија од САД и за „несоработување“ со САД и уште еднаш побара отстранување на сирискиот претседател Асад. Тој го повтори тврдењето дека САД имаат право да ги наметнат своите нелегални санкции каде што сметаат дека се потребни и рече, со неверојатен пресврт на историјата и на фактите, дека САД го чуваат мирот во светот од основањето на Обединетите нации.
Претседателот Обама остави впечаток на накострешен уличен панкер, заплашувајќи ги сите со својата отмена храброст и со заканата од американската воена моќ доколку сите ние не соработуваме со САД. Тој зборуваше за „страшните конфликти“ низ целиот свет во последните седумдесет години, но никогаш не изјави дека САД беа иницијатор на повеќето од нив и тврдеше дека спречиле Трета светска војна, со која токму САД се закануваа многупати во минатото, како што тоа го прават и сега со заканата за поставување напредно нуклеарно оружје на германска територија. Тој се фалеше за трошоците наметнати на тие кои се одлучиле да се спротивстават на американската хегемонија наместо да соработуваат со нив и безизразно рече дека поредокот наметнат од Америка донесе достоинство и еднаква работа за сите луѓе во светот, заборавајќи дека само еден процент од нив ги имаат сите пари, додека останатите ја вршат целата работа.
Обама ја префрли вината за бегалската криза што ја предизвика од неговата влада на „силните мажи“. Очигледно, според него, Садам Хусеин, Моамер Гадафи и претседателот Асад ја принудиле американската влада да ги нападне. Американците користат надреална логика за да го оправдаат тоа што не може да се оправда. Потоа, тој се осврна на контролата на медиумите, угнетувањето на политичките противници, како и на контролата на пристап до информации како удар врз Русија, и покрај тоа што тие работи се случуваат во Америка и во Европа. Потоа, тој се обиде да ја оправда употребата на нелегални санкции против Русија, тврдејќи дека тоа функционира и ѝ предизвикува тешкотии на нацијата и дека како одговор на тоа, Русите ја напуштаат земјата. Тој изгледа не беше свесен за ударот што им го зададе на Обединетите нации со тие зборови, бидејќи унилатералните санкции претставуваат кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и отворено и свесно пркосење на Обединетите нации и на сето она што тие го застапуваат.
Претседателот Владимир Путин, пак, ја отфрли таа лажна историја и лажна презентација на причините за актуелната светска криза и вината им ја префрли на САД и на нивните сојузници во НАТО, каде што и припаѓа. Тој почна со потсетување дека концептот на Обединетите нации произлезе од Кримската конференција за време на борбата против Хитлер и дека ОН има долга историја во обидот да спречи конфликт. Тој признава дека Американците и нивните сојузници се жалат на недостатокот на ефикасност во ОН, што, всушност, значи дека тие се жалат кога работите не се одвиваат според нивните планови, но нагласи дека разликите во ставовите беа признати како неизбежни уште од создавањето на ОН и дека правото на вето е потребно за да се гарантира дека ниту една сила не може да доминира врз другите. Тој, исто така, ги потсети сите на фактот дека САД и нивните сојузници веќе долго време го користат правото на вето кога се во прашање нивните интереси и дека секој народ што ги заобиколува ОН или ја крши Повелбата на ОН дејствува нелегално и надвор од меѓународното право. Тој додаде дека доколку Американците ја присвоеја сета светска сила по завршувањето на Студената војна, тоа би резултирало во свет во кој би владеело себичност, диктатура наместо еднаквост, демократија и слобода и во свет каде што независните земји ќе беа заменети со де факто протекторати.
Со сосема различен став од американскиот дека државниот суверенитет не постои, тој го потврди фундаменталниот принцип на меѓународното право дека државниот суверенитет е од суштинско значење за слободниот развој на една нација. Тој ја прикажа својата поента со примери на американската агресија на Блискиот Исток и во Северна Африка, чии последиците се хаос и катастрофа, наместо стабилни влади, како и со подемот на Исламската држава и на други терористички групи кои беа креирани од Западот како алатки против секуларните држави што се под напад. Тој го обвини Западот за лицемерството во соочувањето со бегалската криза, додека истовремено ја финансира и ја поддржува Исламската држава и другите групи. Тој повтори дека никој освен вооружените сили на претседателот Асад и милицијата на Курдите не се бори против тие групи. Тој нагласи дека Русија нема никакви амбиции, но изјави дека „тие повеќе не можат да ја толерираат моментната состојба во светот“. Во врска со соочувањето со моментната криза на Блискиот Исток, тој предложи создавање на широка антитерористичка коалиција слична на антихитлеровската коалиција. Тој, исто така, повика на соработка на исламските земји и на религиозните лидери за да помогнат во оваа борба против заедничкиот непријател и изјави дека државноста мора да се врати таму каде што е уништена и дека мора да се обезбеди воена, економска и материјална помош за земјите во тешки ситуации и дека тоа мора да се направи во согласност со Повелбата на ОН и со меѓународното право. Во тој поглед, тој особено ги спомна Либија, Ирак и Сирија. Тој ја истакна потребата за глобална безбедност и го осуди проширувањето на НАТО по Студената војна и погрешниот избор претставен на земјите од источниот блок од страна на Америка да се биде или со Западот или со Истокот и изјави дека токму таа агресивна логика ја започна геополитичката криза во Украина, каде што народното незадоволство беше искористено од Западот за да се организира воен удар однадвор што предизвика граѓанска војна. Тој ја потврди поддршката на Русија за Минските договори од 12 февруари 2015 година како единствен начин за излез од кризата и истакна дека интересите и правата на народите од регионот Донбас мора да се земат предвид и да се почитува нивниот избор и дека сите мерки преземени од режимот на Киев мора да се координираат со нив.
Потоа тој се осврна кон друга реалност на борбата за моќ во светот на економскиот фронт и инсистираше дека мора да има заеднички простор за економска соработка со користење на принципите на Светската трговска организација за слободна трговија, инвестиции и отворена конкуренција, но Американците се обидуваат да ја заобиколат Светската трговска организација и се обидуваат да воспостават посебни и тајни структури како што е проектот за Транспацифичкото партнерство за кое се фалеше Обама. Тој, исто така, ја осуди употребата на унилатералните санкции, како кршење на Повелбата на ОН, и изјави дека тие се користат не само за да извршат политички притисок, туку и за да елиминираат економски конкуренти. Тие трендови можат целосно да го разнишаат трговскиот систем и да предизвикаат распад на глобалниот економски простор. Русија, од друга страна, предлага усогласување на регионали економски проекти, нарекувајќи го „интеграција на интеграции“, што ќе се базира на универзални и на транспарентни правила на меѓународната трговија. Тој го објасни тоа повикувајќи се на планови за поврзување на Евроазиската економска унија и кинескиот „Економски појас на патот на свилата“ и повика на нивна понатамошна интеграција со Европската унија.
На крај, иако Обама во своето обраќање говореше за проблемот со климатските промени, тој нема направено никакви конкретни залагања за намалување на емисијата на стакленички гасови. Кинезите предложија дека ќе ги намалат нивните емисии за 40 отсто од нивоата во 2005 година. Путин вети дека до 2030 година ќе ги намали за 75 отсто од нивоата од 1999 година. Тој, исто така, упати повик за фундаментално нови технологии инспирирани од природата за да биде индустрискиот развој во хармонија со природата, со цел да се врати рамнотежата помеѓу човековата активност и природата, и предложи да се формира посебен форум на ОН за соочување со климатските промени и изјави дека Русија е подготвена да го коспонзорира тој форум.
Значи, ситуацијата во светот беше изразена во говорите на овие двајца мажи; Обама тврдеше дека САД имаат право да дејствуваат како што сметаат дека е потребно, да ја спроведуваат својата волја со воена сила секаде каде што наидуваат на спротивставување, да обезбедат економски предности за себе по секоја цена, сето тоа врз основа на одбивање да се третира секоја нација како рамноправна и суверена; и, претседателот Путин, кој повика на строго почитување на меѓународното право, на заедничките напори против тероризмот и заканите за мирот, на интегрирана економска соработка, сето тоа врз основа на принципите на националниот суверенитет и на достоинството на нациите и на народите. Конфликтот е јасно нацртан. Линиите се повлечени. Сите ние чекаме да видиме како ќе се реши овој фундаментален конфликт.
Извор: „Глобал рисрч“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Путин: Се повторува Југославија! Нападот на Сирија е брутално кршење на првата!
-
Не може секој да оди покрај него: Асад тргна заедно со Путин, но не стигна далеку (видео)
-
Кој е господин Адамов: Факти за Владимир Путин кои ретко кој ги знае
-
Средба Ердоган – Путин: Односите меѓу Русија и Турција се целосно обновени