Повеќе пари за капитални инвестиции, покачување пензии и социјален надомест. Вака може да се оцени буџетот скроен за наредната 2016 година, со кој се очекува поттикнување и развој на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во суштина, државната каса за наредната година се заснова на две насоки, кои се покажаа како успешни во претходниот период, а тие се, со висок износ на капитални инвестиции да му се помага на стопанството, а од друга страна со зголемување на средствата за најранливите категории, да се заштити стандардот. Владата за в година очекува економски пораст од четири проценти, движен од градежништвото, индустријата, порастот на нето-извозот, подобрувањето на кондицијата на европската економија, а големо влијание треба да имаат и капиталните инвестиции и јавната потрошувачка. Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари и се за 12,9 проценти повеќе од тие во 2015 година. За капитални расходи се планираат 408 милиони евра. Од нив, за делницата на автопатот Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, која треба целосно да биде завршена во 2016 година, се предвидени 42 милиона евра, уште 36 милиони се обезбедени за железничкиот транспорт, 50 милиони се за водоводни и канализациски мрежи. Во државната каса има пари за реконструкција на студентските домови, за училиштата, градинките. Во делот на здравството, планирана е реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и за Клиничкиот центар во Скопје. За земјоделците се одвоени 141 милион евра за субвенции.
Конкретно, Владата в година планира да потроши 3 милијарди и 183 милиони евра, а да собере 2 милијарди 874 милиони, што значи дека буџетскиот дефицит ќе биде понизок во однос на годинава и ќе се позиционира на 3,2 проценти, односно ќе изнесува 309 милиони евра. Во државната каса треба да се соберат за шест отсто повеќе пари од годинава, а расходите се зголемени за 4,7 отсто. Инфлацијата се очекува да биде два процента.
– Ваквиот сооднос, односно повисокиот пораст на приходите во однос на планираниот пораст на расходите ќе резултира со намалување на буџетскиот дефицит, што претставува чекор во насока на реализација на фискалната стратегија со која се предвидува од 2017 година тој да се сведе на ниво под три проценти, што ќе овозможи целосно стабилизирање на нивото на долгот и негово одржување на умерено ниво, како што е и сега – објаснува министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Освен парите за капитални проекти, кои буџетот го прават развоен, во него е задржана и социјалната компонента, со која е пресметано зголемување на пензиите и на социјалниот надомест.
– Септемвриската пензија се исплаќа зголемена за пет проценти, што подразбира дополнителни средства од 611 милиони денари, а тој ефект понатаму ќе се пренесе и врз буџетот од 2017 година. Ново зголемување на социјалната и на постојаната парична помош за пет проценти ќе има и од јули 2016 година – објаснува Ставрески.
Проекциите на буџетот за наредната година, како добри и развојни ги оценуваат и бизнисмените и експертите и пензионерите.
– Буџетот на Република Македонија последниве години има силно изразена развојна компонента, која се изразува преку инфраструктурните и капитални расходи, кои помагаат во развојот на стопанството. Тоа лесно може да се види на секој чекор. Земјава е претворена во едно големо градилиште, се прави, се поправа, а со сето тоа се олеснуваат условите за стопанисување. Во градежните активности е вклучена домашната оператива, што значи повеќе пари за фирмите, за вработените во нив, за нивните семејства, а се отвораат и нови работни позиции. Тоа во крајна линија влијае на квалитетот на живот на граѓаните, додека, пак, зголемувањето на пензиите и на социјалната помош го подобрува животот на повозрасните и ранливи категории граѓани. Сѐ на сѐ, буџетот може да се оцени како развоен, социјален и динамичен, следејќи ги потребите и на економијата и на граѓаните – едногласни се стручњаците.
Бизнисот очекува капиталните инвестиции да внесат поголема динамика во економијата, особено во градежниот сектор, кој е поврзан со уште 26 други гранки.
– За бизнис-заедницата, значаен е развојниот сегмент на буџетот, пред сѐ преку реализација на капитални инвестиции, изградбата на автопатишта, регионални и локални патни правци, модернизација на железничкиот транспорт, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори – смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.
– Сето ова значи ангажман на домашните компании, особено во градежништвото, кое понатаму повлекува и други 25 гранки што работат со нив. Веруваме дека индустријата и градежништвото ќе бидат носители на порастот во 2016 година – нагласува Арсовска.
И пензионерите се задоволни од последното покачување на пензиите, но и од тоа што е најавено за в година.
– Додека во другите земји пензиите се намалуваат, кај нас и понатаму се зголемуваат и, секако, тоа е за поздравување. Со вакво зголемување секоја година, пензионерите се задоволни, а треба и сите да бидат позадоволни. Се зголемува куповната моќ и се зголемува самата основа на пензијата. Јас како претседател на Сојузот на здруженија на пензионери, а и повеќе пензионери тоа го поддржуваме како една придобивка бидејќи многу сме дале на државата и заслужуваме државата да се грижи за сите пензионери за да имаат достоинствени услови за живот и во третата доба – смета претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски.
Според него, пензионерите ќе бидат радосни што и в година ќе имаат не само ново зголемување на пензиите, туку и ќе продолжат и бесплатната бањско-климатска рекреација за 5.500 пензионери и бесплатениот туристички викенд за 3.000 пензионери.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 162. број на неделникот „Република“, 9.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


