Фондот за здравствено осигурување на Македонија во 2016 година ќе располага со историски највисок буџет т.е. над 25,6 милијарди денари, што претставува зголемување за 1,4 милијарда денари во однос на 2015 година.
Ова денеска го изјави директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски во просториите на Фондот каде што се одржува крводарителска акција по повод 15 години од основањето на Фондот.
Посочи дека во 2000 година, кога е основан Фондот, неговиот буџет бил значително помал и изнесувал околу 12,5 милијарди денари.
– Особено зголемување имаме во делот на ставката здравствени услуги што значи дека од наредниот буџет значителен дел од средствата ќе биде одвоен за воведување нови методи, нови услуги во здравствените установи, подобрување на квалитетот на сегашните услуги и зголемување на буџетите на јавите здравствени установи во Република Македонија – рече Стефаноски.
Тој појасни дека има соодветна методологија и додаде дека Фондот во системот е позициониран како купувач на здравствените услуги.
– Низ транспарентни преговори во ФЗОМ, низ добро утврдена методологија, ние заеднички со менаџерите на ЈЗУ низ ваквиот процес ќе ги утврдиме буџетите на тие установи за наредната година. Секако, тие ќе бидат втемелени на понудата што болниците ќе можат да ја дадат т.е. на услугите што ќе може да ги понудат на граѓаните – додаде Стефаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.