| четврток, 6 декември 2018 |

Дисолуција

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Проникливите аналитичари на современата геостратегиска сцена, мислам на ретките, свесни стручњаци што во изминативе десетина година, а и повеќе, не потпаднаа под евтината и глупава пропаганда на прозападните мегафони и не влегоа во коруптивниот синџир на исхрана преку паравански конципираните НВО, кои не се ништо друго, туку затскриени експозитури на тајните служби, задолжени да ја одржуваат моќта и влијанието на групацијата НАТО во распаѓање, многу добро ја предвидоа дисолуцијата на западната моќ и пропаста на нивната доминација на светски план.

Не дека тргнале од веќе митологизираната мудрост, дека сè минува и дека, освен промената, ништо друго не е вечно, иако и ова суштинско сознание е од голема корист при анализирањето на овие процеси на промена во однос на светската моќ, туку, едноставно, тргнале од суровата емпирија и доброто процесирање на информациите што извираат од сите страни и што добро ги хранат когнитивните механизми на овие луцидни и непристрасни аналитичари на геополитичките афери.

Всушност, дури и тие аматерски настроени сезнајковци за светската политика што се закотуваат по меаните на белосветските хоризонти и, локајќи алкохол, егзалтираат со своите процени, се многу подобри и поточни, и покрај целата нивна фантазмагоричност од сите тие кутри организации, кои, подобно на холивудската индустрија за пропагандна забава и профит, лиферуваат визии целосно излезени од рамките на реалноста и, аналогно на ова, нестварни, лажни и сосема бескорисни. Но, треба да се преживее, и јас ги разбирам, но не можам да го прифатам нивниот мајмунски бес, кога, по којзнае кој пат, реалноста на теренот се покажува во дијаметрална спротивност со нивните предвидувања, а тие повторно и повторно, уште опстојуваат во бизнисот, за кој, едноставно, ниту имаат талент, ниту знаење, а најмногу од сè, нивната корумпираност и веќе легендарната искомпромитираност ги кове на самото дно, не само во нивната професија, туку и на најординарен човечки план, претставувајќи ги само како лукративни битија без морал и без основни човечки карактеристики.

А оваа сурија лажни пророци и адепти на глупоста и понатаму дејствува и ги троши криминално присвоените пари на граѓаните од западната хемисфера и нивните колонии во светот. Веројатно, и овие измамници со стил, што би се рекло, придонесуваат кон општиот колапс на НАТО-пактот и неговата, до пред десетина години, неспорна планетарна хегемонија. Но, уште тогаш, значи, кога НАТО беше во пикот на својата моќ и беше беспоговорен господар на војната и на мирот, имаше мноштво показатели што веќе ја оформуваа футуристичката слика дека, всушност, Северноатлантскиот пакт недвојбено јури кон сопствената пропаст.

Тоа, пред сè, произлезе од сосема арогантниот и варварски однос на оваа, досега најголема воена алијанса кон остатокот од човештвото, воспоставувајќи еден стравотен тип дискриминација и заобиколувајќи го правниот систем на планетава, во чијашто креација и принципиелност беше инволвиран и самиот пакт во најголема мера.

Но не треба да го истражуваме овој „извртен“ феномен во светските меридијани, овде, во малата ни држава има многу флагрантни примери за ваквата интелектуална и професионална корумпираност, која многу потсетува на едно хипнотично слепило, произлезено од стравотната алчност за профити, а нејзиниот епицентар е во средиштето на пропагандистичките и на аналитичките служби на пропаднатиот политички блок, симбол на едноумието и на тоталитарниот манир, таканаречената губитничка опозиција – вечна.

Веќе десетина години гледаме една мачна дисолуција и пропаѓање на таканаречената политичка алтернатива на власта, која, и покрај тоа што ги распродаде сите национални интереси, и покрај епохалниот грабеж на македонската економија што во деведесеттите го изведе без пардон, со аморалност невидена на овие простори уште од пропаста на автентичното македонско ослободително движење (од 1945 – 1950 г.), кога ги национализираа и експроприраа имотите на македонските селани и буржоазија, но со едно чудно алиби – дека ќе градат социјализам и комунизам како во СССР, за само неколку години потоа КПЈ да стана субверзивна структура на Западот во заедницата на социјалистичката алијанса на народите од светот, а посебно од Евроазија.

Затоа има нешто скапано во опозицијата губитничка – вечна, нешто што е вткаено како предисторија на нивната современа егзистенција, нешто грдо и лажно, нешто ужасно нечовечно и одвратно.
Нивните стратези повеќе личат на улични крадци и измамници, барем ако судиме по квалитетот на нивните вулгарни коментари, а најмногу од сè, по нивните целосно погрешени прогнози во однос на политичките процеси, и на домашен, и на меѓународен план.

Сепак, најмногу од сè, иритира нивното предавничко поведение, за кое и врапците на гранките во државава се свесни. Ова квислиншко однесување, кое оди во друштво со огромната дрскост и без збор, нема да им биде простено од македонскиот народ.

Никогаш веќе опозицијата губитничка – вечна нема да го добие мандатот во оваа држава.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top