-Мигрантската криза дополнително ќе се комплицира. Таа ја разоткри кризата на европските институции, а очигледно е дека ЕУ нема заедничка политика по тоа прашање. Македонија мора да биде на масата кога ќе се креира таа политика – истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешното обраќање на форумот Кран Монтана во Женева, посветен на мигрантската криза.
– Очигледно е дека Унијата нема заедничка политика во однос на мигрантската криза. Ние мора да бидеме на масата тогаш кога ќе се креира таа политика. Не може да се одлучува за балканскиот мигрантски коридор без учество на земјите низ кој минува тој коридор, независно дали се членки или кандидати за членство во Унијата. Балканот е дел од Европа, и Европската унија не може да зборува во името на цела Европа сè додека не го интегрира Балканот – рече во своето обраќање Иванов, јави известувачот на МИА од Женева.
Мигрантската криза, посочи Иванов, ја разоткри кризата на европските институции. Според него, се покажа дека Унијата добро функционира во време на мир и просперитет, но не и во време на криза. Во услови на криза, Унијата не може да носи одлуки, а со тоа кризата се продлабочува.
– Неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата придонесе овој хуманитарен и социјален феномен да прерасне во сериозен безбедносен предизвик. Владите беа принудени преку ноќ да станат криумчари префрлајќи ги мигрантите преку своите територии. Надворешните граници на НАТО и на Унијата се порозни. Државите, задолжени со обврска да ги чуваат тие надворешни граници, потфрлија. Во услови на криза, Унијата нема механизам за да санкционира однесување на своја држава-членка – рече шефот на државата.
Мигрантската криза ја потсети ЕУ дека Балканскиот мигрантски коридор е продолжение на Источно-медитеранскиот коридор. – Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, состојбата со мигрантите ќе беше поинаква – посочи Иванов.
Балканот, додаде македонскиот претседател, воопшто не е нова, туку стара рута со ново име. Ако некогаш името на таа рута било Виа Егнатиа или Виа Милитарис, денес тоа е Виа Мигрантес. – Но, за разлика од минатото, денес, поради неефективни политики, овој коридор е прекинат со ѕидови, со одбрана на националните граници и на територијалниот суверенитет – рече Иванов. Коридорот 10 е најбрзата, најбезбедната и најефтината транзитна рута за мигрантите.
Сега, потенцираше тој, и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти на Унијата, а во такви услови најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.
– Згрижувањето на мигрантите во балкански држави кои не се членки на Унијата е неодржливо, бидејќи тие држави немаат ниту капацитет ниту ресурси за да се справат со надоаѓачките бранови на мигранти – истакна Иванов.
Месечно, потенцираше тој, Македонија троши над еден милион евра од својот буџет за мигрантите и го активира Системот за управување со кризи. – Се уште ја чекаме помошта од Унијата за соочувањето со мигрантската криза, рече Иванов информирајќи го учесницните на еминетниот собир дека досега низ земјата минале околу 300.000 мигранти.
– Само во изминатите 5 месеци минаа над 120.300 мигранти. Дневно, низ Македонија минуваат меѓу 4.000 и 7.000 мигранти. Им се дава вода, храна, брз и безбеден транспорт – рече тој.
Бегалците-мигранти претставуваат политички, економски, социјален, безбедносен, демографски и конфесионален предизвик за кој Европа треба допрва да даде кохерентен колективен одговор.
– Свесни сме дека мигрантската криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. И затоа е неопходен одговор во кој ќе бидат вклучени сите страни. А тој одговор треба да ги опфати не само последиците, туку и причините за мигрантската криза. Неопходен е мир во кризните региони – рече Иванов.
Мигрантите, како што кажа, се наоѓаат притеснети меѓу разорените општества од кои бегаат, и портите на Европа што полека се затвораат.
Претседателот Иванов претходно денеска имаше средба со високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Раад ал Хусеин на која главна тема исто така беше мигрантската криза.
Република Македонија ги прави сите потребни напори за достојно прифаќање, транзитирање и испраќање на мигрантите, рекол Иванов и изразил целосна поддршка и подготвеност за континуирана соработка со ОН.
Иванов и Ал Хусеин се согласиле дека одговорните политичари имаат морална историска обврска да се спротистават на растечката ксенофобна, исламофобна и екстремистичка реторика која станува се погласна во некои кругови ширум Европа.
Претседателот Иванов работната посета на Швајцарија ја заврши со средба со претставници на Светскиот економски форум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество