| четврток, 6 декември 2018 |

Потресна исповед на девојката која побегна од Северна Кореја: Ме убедуваа дека лидерот може да ми ги чита мислите

1413719459499_wps_56_dmvidpics_2014_10_19_at_1

Северна Кореја во саботата прослави 70 годишнина од постоењето на Комунистичката партија, а семоќниот лидер на таа тоталитарна држава Ким Џонг Ун во таа пригода повторно ги нападна САД со тврдење дека неговата земја е подготвена да одговори на секоја војна „предизвикана од Америка‟.

Kim_Jong-Un_936510S1

Иако многумина во светот со потсмев ги гледаат парадите и заканите на Ким, бегалецот од Северна Кореја Јеонми Парк, предупреди овие денови во Лондон дека е вистина дека Ким Џонг Ун воопшто не се шегува.

Младата жена која преку Кина и Монголија побегнала во Јужна Кореја ја раскажала на публиката на настанот „Жените во светот‟ својата потресна приказна. „Верував дека саканиот лидер може да ги чита моите мисли, дека ќе ме казни ако помислам на нешто лошо‟, рече оваа 22-годишна девојка, која детството го поминала во Северна Кореја додека со неа владеел таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил, но обичните граѓани не чувствуваат голема разлика меѓу нив двајца.

Парк, која за своето детство напишала и автобиографија, ја предупреди лондонската публика своите слободи да не ги земаат здраво за готово. „За мене Западот е рај, а Ким Џонг Ун криминалец кој убива милиони луѓе. Се надевам дека не го доживувате како некој што се шегува‟, рече таа.

yeonmi-park

Јеонми Парк денес

 

Исто така ја опишала репресијата која режимот ја спроведува во таа, многумина ќе речат орвелска држава. „Пораснав во страв. Мајка ми ми рече дека не смеам да шепкам бидејќи можат да ме слушнат и глувците и птиците. Често бевме гладни и беше луксуз да се размислува за било што освен за сурово преживување. Кога немаше ориз, моите сестри и јас јадевме само скакулци и мушички‟, рече таа.

Кога наполнила 13 години ја наговорила мајка и да побегнат во Кина, но таму не престанале нивните неволји. „Првото нешто што го видов е како ја силуваат мојата мајка. Откако ја поминавме границата мене ме продадоа како работник за 265 долари, а мојата мајка за 65. Човекот кој не купи не беше во состојба да не храни двете, па подоцна ја препродаде мојата мајка‟.

Конечно побегнала на слобода кога имала 15 години. Со оглед на тоа дека Кинезите сите илегалци по правило ги враќаат во Пјонгјанг, морала да патува во Монголија, која го признава бегалскиот статус на луѓе од Северна Кореја и најчесто ги праќа во Јужна Кореја. „Преку пустината Гоби ги следев ѕвездите кон слободата. А кога стигнав во Јужна Кореја се блескаше. Дури и тоалетната хартија имаше цветчиња на себе и мирисаше многу убаво… Не сакав да ја користам при нужда, беше толку убава‟.

Кога нашла дом, Парк станала „машина за учење‟, како што вели таа: „Учев за светот, за вселената, за човековите права и достоинството, за тоа претходно не знаев ништо. Слободата за мене значеше носење обетки, а не слобода на говорот. Не знам дали некогаш до крај ќе научам што всушност значи да бидеш слободен‟.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top