| четврток, 6 декември 2018 |

Богов: Медиумите спречија паника околу Тутунска банка

Dimitar-Bogov-3

По шпекулациите дека НЛБ во Словенија има проблеми и одредената паника што се создаде во земјава, па се повлекуваа пари од НЛБ Тутунска банка, медиумите постапија трезвено и смирено, што беше значајно за шпекулациите да не предизвикаат помасовна паника, вели гувернерто на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Димитар Богов, во интервју за „Прес24“.
– Во тој период се совпаднаа неколку настани. Беа исплатени значителни субвенции на тутунарите, кои во најголем број имаат транскациски сметки во НЛБ Тутунска банка. Вообичаено, земјоделците веднаш повлекуваат најголем дел од субвенциите во готовина. Метежот што беше присутна во тие денови во експозитурите на НЛБ Тутунска банка и испразнетите банкомати во некои градови, заедно со веста од „Вашингтон пост“, која беше пренесена во некои домашни медиуми дека по Кипар, следна е Словенија, предизвикаа шпекулации дека банката има проблеми. Тоа, воопшто, не беше точно. НЛБ Тутунска банка е високо ликвидна и многу стабилна банка – вели гувернерот на НБРМ.
Тој нагласува дека довербата е кревка работа.
– И затоа мора постојано да работиме и ние во Народна банка и деловните банки на нејзино зацврстување со одговорно, чесно и отворено работење.  Медиумите, исто така, имаат значајна улога во спречувањето на ширењето на шпекулациите, кои некогаш спонтано се појавуваат, но некогаш се наменски пласирани од различни причини. Во последниот случај медиумите покажаа висока трезвеност и смиреност, што беше значајно за шпекулациите да не предизвикаат помасовна паника – вели Богов за „Прес24“.
Тој нагласува дека македонската законска регулатива им забранува на македонските банки да пласираат повеќе од 10 проценти од износот на капиталот со кој располагаат во банките од групацијата на нивната матична банка.
– За илустрација, тоа значи дека најголемата банка не може да пласира повеќе од 15 милиони евра во својата матична банка. Колку е тој износ занемарлив се гледа од податокот дека тоа е само еден процент од нејзината актива – вели Богов.
Македонија во моментов располага со највисоко ниво на девизни резерви од повеќе од две милјарди и 220 милиони евра. Народната банка не размислува за крупни промени на девизниот курс.
– Нашите анализи покажуваат дека на среден рок нема потенцијал да се креираат нерамнотежи во екстерниот, финансискиот и јавниот сектор, кои би го загрозиле курсот на денарот. Народната банка има на располагање доволно инструменти со кои во секое време може да го одбрани курсот доколку се случи некој непредвиден шок на економијата – вели Богов во саботното интервју за „Прес24“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top