Од обилните врнежи на дожд со кои беше зафатен регионот на Куманово, во текот на изминатото деноноќие, излеани се реките во градот на повеќе места, при што е отежнат сообраќајот, а предизвикана е и материјална штета, објави порталот „Кумановски муабети“. Поплавени се постројките на Автобуската станица, Градскиот стадион, Градскиот парк, неколку подруми, штали и земјоделско земјиште.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи на патниот правец од Свети Николе кон Куманово при излезот од с, Доброшане има одрони при што се известени МП Куманово и веднаш е интервенирано. Одрони имало и на патниот правец Куманово – Крива Паланка, кај с. Страцин.
Од СВР Куманово известуваат дека лицето од с. Љубодраг, Михајловиќ Сузана имало поплава во подрумот и помошните простории на својот дом, при што побарала помош при справување со истите. На терен се излезени од Територијалната против пожаарна единица од Куманово, како и подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување.
Поради обилни врнежи од дожд локалниот пат с. Ропаљце према с. Никуштак е во прекин, информираат од АМСМ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски изјави дека поплави има кај месноста „Бавчи“ во с. Бедиње, регионот кај автобуската станица, како и во с. Добрашане каде реката Кумановка, влевајќи се во Пчиња се излила од коритото.
-Закажан кризен штаб за преземање на мерки за излевањето на реките. Во моментот нема големи материјални штети. Има уништени штали, земјоделски површини, во месноста Бавчи имаме уништена патна инфраструктура, меѓутоа тоа се места во непосредна близина на реките каде има опасност од излевање. Денеска на пладне повторно ќе имаме координативна седница на кризниот штаб за превземање на понатамошни мерки.
Инаку, постои опасност доколку дојде до нови интензивни врнежи реките да предизвикаат позначителни проблеми.
фото: Кумановски муабети
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.