| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка на Груевски за 11 Октомври: Македонија е многу повеќе од еден правен концепт

Премиерот Никола Груевски упати честитка до граѓаните на Македонија и до македонската дијаспора по повод 11 Октомври ­ Денот на народното востание

– Памтењето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност. Подигнувајќи се против далеку поброен, подобро опремен и посилен противник, борците од Народноослободителната војна пожртвувано и несебично решаваат и по цена на своите животи да му застанат на патот на злото – вели Груевски.

Нивната битка, додава Груевски, е и порака до нашата и до сите идни генерации.

– Љубовта кон татковината и чувството на одговорност кое произлегува од можноста да се направи нешто со што би се спречило страдањето на многу луѓе е чекор кој ја заслужува нашата огромна почит. Одзивајќи се на повикот на слободата тие ги изгазиле последните неколку чекори од патот до конечното формирање на македонската држава и триумф над фашизмот. Ваквата одлучност да се застане во одбрана на човештвото, хуманоста и правдата се извор на нашата гордост и почитување. ­ Нашата мисија денес е да ја издигнеме Македонија кон нови успеси и да ја донесеме до нови победи, овој пат поинакви, но еднакво делотворни за сите граѓани. Напорите за економски развој и борбата за секое новоотворено работно место, вложувањата во здравството, во образованието и инвестирањето во квалитетни и повисоки стандарди во македонското образование кои ќе обезбедат посигурна и просперитетна иднина за нашите млади, инвестициите во инфраструктурата, во изградбата на патишта, железници, како и помошта за македонскиот земјоделец чија работа и труд заслужува вреднување и почит, е нашата борба, но и порака за зачувување на споменот за безбројните јунаци кои се жртвуваа за темелите на она што денес го градат нашите генерации – нагласува премиерот Груевски.

Во честитката испратена по повод 11 Октомври, премиерот Груевски истакнува дека на овој голем ден најважно е да се потсетиме дека Македонија е многу повеќе од еден правен концепт. ­ Таа е идеал во кој се рефлектира човечката желба за слобода и непоколебливата истрајност на патот до среќата и остварување на соништата на луѓето, се наведува во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top