Од наредната година граѓаните ќе можат да летаат со чартер летови на белгискиот туроператор „Томас Кук“, кој ќе сообраќа од охридскиот аеродром. Ова го најави генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски, кој прецизираше дека се во фаза на предоговор со овој туроператор, со чие сообраќање во земјава ќе се зголемат можностите за избор на најповолни авио летови, кои граѓаните ќе ги доближат до повеќе светски дестинации, но и странските туристи ќе ги носат и сместуваат во Охрид.
Инаку двата македонски аеродроми, скопскиот „Александар Велики“ и oхридскиот „Св. Апостол Павле“, првите девет месеци годинава ги завршија со вкупно 1.183.728 патници, што е пораст од 20 отсто, споредено со истиот период минатата година, информираат од „ТАВ Македонија“.
– За разлика од аеродромите во Европската Унија, каде што во август просекот за пораст на бројот на патници е 5,2 отсто, ние бележиме пораст од 30 отсто на скопскиот и охридскиот аеродром во септември, споредено со истиот месец лани. Ваквите двоцифрени зголемувања, и на месечни нивоа, но и во целиот период од првите девет месеци годинава, се должат на маркетинг-политиките на ТАВ-холдингот за привлекување на нови авиокомпании и зголемување на постоечките фрекфенции од македонските аеродроми. Истовремено, од голема помош за континуираниот пораст на вкупниот сообраќај е и поддршката на Владата за нискобуџетните авиокомпании, како и се почестото присуство на странски туристи во Македонија, нашите иселеници кои почесто ја посетуваат татковината, како и младите луѓе кои сакаат да патуваат и откриваат нови дестинации – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Крстевски додава дека во последно време значително е зголемен и интересот на граѓаните од соседните земји, како од Косово, од Албанија и од Јужна Србија, за патување преку скопскиот аеродром „Александар Велики“, што навестува негово позиционирање како главен центар меѓу аеродромите во регионот.
Од ТАВ Македонија велат дека очекуваат трендот на зголемување на сообраќајот на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ да продолжи и натаму, како резултат на новите осум линии кои се воведоа годинава од двете авиопристаништа – шесте од Скопје за Женева, Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг, како и двете од Охрид – за Лондон и Базел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Владата ќе објави трет повик за нускобуџетните авиокомпании, но со олеснети критериуми
-
Откажани летовите од Германија за Македонија, голем штрајк во Германија
-
Кога си роден под среќна ѕвезда: Може да летам со ваучер стар 19 години? Може, нема проблем
-
Поради снежното невреме откажани се голем број летови низ Европа