Фестивалот „Браќа Манаки“ е еден од најеминентните фестивали на светско ниво и за мене претставува голема радост што наградата „Златен Манаки“ ми ја доделија мене – истакна режисерот Каан Мујдеџи, синоќа по примањето на наградата во киното „Синеплекс“ во Скопје.
Муждејџи ја доби наградата за неговиот филм „Сивас“, кој беше дел од програмата „СЕЕ Камера“ на 36.издание на фестивалот, а публиката и во Скопје синоќа имаше можност да го види. „Сивас“ е кандидат на Турција за наградата за странски филм „Оскар“, а во Венеција лани ја освои Специјалната награда од жирито.
-Забележав дека во Скопје живеат многу различности, вери, култури на едно место и во хармонија. Особено ми е мило за тоа и ви посакувам уште долги векови да живеете така. Наградата ја посветувам токму на хармонијата на различностите на овој град. Вечерва во публиката доминираат дамите и ми е особено страв поради тоа. Им се извинувам што малку од улогите се женски, а има и вулгарни зборови. Благодарам и до Културниот центар „Јунус Емре“, кој не претставува на глобално ниво и им благодарам за гостопримливоста – рече режисерот од Турција.
Настанот го организираа Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје и Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ од Битола. Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски.
-Филмот „Сивас“ го гледав лани на фестивалот во Венеција и ми беше на мојата поширока листа за филмови за годинава, но и изборот да биде дел од програмата СЕЕ Камера е сосема оправдан. Овој филм е едно од најзначајните дела на новиот турски филм – посочи Куновски.
Селекторот на Официјалната програма потсети на почетоците на големиот турски режисер Нури Билге Џејлан, кој токму во 2003 година го освои Специјалното признание на „Браќа Манаки“, за филмот „Далеку“.
-Ве уверувам дека сиве години наназд и со сите досегашни директори сме воделе сметка за презентацијата на турскиот филм, кој сме го претставувале со големи светски имиња. Годинава го имавме големиот соработник на Џејлан, сценаристот Ерџан Кесал како член на жирито во Официјалната програма, како и една од најпознатите актерки во Турција, Хатиџе Аслан, која беше член на жирито во програмата “Нов европски филм“ – рече Куновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.