
Колумнист: Горан Момироски
На тие што тврдат дека зад грчкото вето за македонскиот влез во НАТО стои таен договор меѓу Москва и Атина, им недостасуваат неколку добри аргументи, како на пример, зошто Русија би се противела на влезот на Македонија во Алијансата кога ние немаме излез на топли мориња, што е дел од геостратешката битка на сите руски, царски и на сите советски влади во последниве сто години. Иако Русија има одредени инвестиции во енергетскиот систем и во трговијата со енергенти, сепак, ни оддалеку не е вмешана во македонската економија како што е тоа случајот во Србија, каде што е сопственик на сите поголеми играчи во енергетскиот сектор. Освен традиционалните православни и словенски врски кои немаат практична употреба во реалниот живот (во Македонија нема ниту значителен број руски туристи), двете земји немаат силни врски и комуникација меѓу своите граѓани. Сите Македонци иселени во Русија можат да се споредат со најмалата населба во кој било поголем германски или шведски град каде што живеат македонски иселеници. Панславизмот, кој како политичка идеја бил присутен кај голем број македонски фигури во минатото, од Крсте Петков Мисирков па сѐ до првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров (кој пред неколку години му додели орден на Владимир Путин), реално, не постои како релевантна сила. И покрај непотврдените информациите од Москва дека падот на поддршката за влез во НАТО и во ЕУ е драматичен, Македонија уште пред дваесетина години одлучи дека го избрала Западот, а не Истокот.
Со погоре наброеното, барем кога се работи за Македонија, Путин не треба да се мачи со дилемата што ја постави пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде што ги испрати своите пораки до сите што го нарушуваат системот кој, според Москва, треба да функционира во светската политика. Со други зборови, според сите информации што ги имаат обичните смртници, Македонија не би требало да е дел од руската сфера на интереси, особено затоа што е далеку од нејзините граници кои се централна точка во најновата руска одбранбена стратегија поставена по падот на Советскиот Сојуз и создавањето на Руската федерација. Да не беше познатиот говор на американскиот државен секретар, Џон Кери, кој лани пред Комитетот за безбедност на Конгресот на САД рече дека и Македонија заедно со Србија, Косово и со Црна Гора се наоѓа на линијата на огнот, ќе можевме мирно да спиеме. Но, имајќи предвид што кажа тогаш Кери и што кажа сега Путин, време е да се замислиме дали тие што тврдеа дека Грција игра за Русија навистина не се во право и дека сѐ додека Москва не се откаже од правото да влијае на регионот и на Македонија во него, не можеме да се надеваме на влез во НАТО.

Новите геополитички подрачја на Путин
За да не се разбере погрешно на кого точно мислел Путин кога рече дека некои од неговите колеги, мислејќи прво на Обама, истражувале нови геополитички подрачја, треба да се каже дека Путин јасно ја подели активноста на САД и на западните сојузници во Украина и во другите региони, како Балканот на пример. Ако се суди според тоа што го рече во говорот, Путин беше прецизен дека НАТО прво ја продолжи својата политика на проширување, а дури потоа им дала непристојна понуда на постсоветските држави. Според него, единствениот резултат од ваквиот однос на САД како единствена суперсила по крајот на Студената војна е нова геополитичка криза во која Русија нема да седи настрана како во времето на Елцин, туку активно ќе парира и ќе се обиде да ги оствари своите цели. Што значи тоа точно и кои се земјите каде што САД и НАТО не смеат да чепнат, не кажа директно, но самата помисла на Украина и на начинот на кој Русија таму ја брани својата чест е доволно за сериозна загриженост.
Рускиот претседател смета дека обезбедувањето мир и регионална и глобална стабилност е една од главните цели на меѓународната заедница на чело со Обединетите нации. „Ние сметаме дека тоа треба да биде безбедност за сите, а не само за малкумина одбрани. Тоа е мачна и тешка задача која ќе одземе многу време, но за неа нема алтернатива. За жал, меѓу нас се присутни колеги кои со својот сојуз размислуваат во стилот на Студената војна и сакаат да истражуваат нови геополитички подрачја. Тие ја продолжија својата политика на проширување на НАТО и нејзината воена инфраструктура. Потоа, на постсоветските држави им понудија лажна дилема или да бидат со Западот или да бидат со Истокот. Порано или подоцна оваа логика на конфронтирање е осудена да предизвика геополитичка криза. Токму тоа се случи во Украина, каде што незадоволството на граѓаните од власта беше искористено за да се изврши државен удар оркестриран однадвор при што дојде до граѓанска војна“, изјави Путин од говорницата на Светската организација на Ист Ривер.
Владимир Путин, кој лично нареди анексија на Крим од Њујорк, навлезе во уште една актуелна тема за која се зборува и во Белград, Скопје, Тирана, Приштина, Атина и во Сараево – проблемот со влијанието на големите сили врз малите земји кои, според неговото признание, се притискани за да се откажат од делови од својата сувереност. Како да сакаше да каже дека случајот со Крим е пример како ќе се однесува Русија во иднина доколку САД и западните сојузници не престанат да ги притискаат малите и немоќни земји да ги прифатат нивните правила на игра.
„Потценувањето на авторитетот и легитимитетот на системот на Обединетите нации ќе доведе до пад на целокупната архитектура на меѓународните односи и елиминирање на сите други правила освен на правилото на силата. Ќе добиеме свет во кој ќе владее себичноста наспроти колективната работа. Свет во кој сè повеќе ќе функционира диктатот отколку еднаквоста, вистинската демократија и слободата. Свет во кој сѐ повеќе вистински независни држави ќе бидат заменети со досега најголем број протекторати и надворешно контролирани територии. Што е всушност суверенитетот на државите, по сѐ? Суштината е во правото секоја личност, секој народ или секоја држава слободно да си ја одбере иднината“ кажа во својот говор рускиот претседател Путин.
Тој на Западот уште еднаш му кажа дека политичкиот демократски модел на владеење на кој инсистираат Вашингтон, Лондон, Берлин и другите членки на НАТО и на ЕУ не може да биде секаде ист и дека тој зависи од многу причини. Како најнов предводник на една група земји како Русија, Кина, Иран и Сирија, каде што демократијата, иако се нарекува со тоа име има сосема поинакво значење и поинакви правила од оние што се практикуваат во членките на НАТО и на ЕУ, Путин порача дека напорите да се променат овие демократии со сила или со воен удар каков што го нарече падот на Јанукович во Украина ќе биде дочекано на нож. Користејќи ја суптилноста на рускиот јазик, Путин од седиштето на Светската организација испрати пораки на помирување, но во исто време јасно стави до знаење дека Русија нема да ги прифати едностраните чекори на Западот и дека ќе ги искористи сите свои сили за да ги зачува своите интереси како што тоа го прави деновиве во Сирија.
Со надеж дека Македонија не е меѓу нив, на македонската влада ѝ преостанува во најбрзо време да се обиде да го имплементира меморандумот за разбирање со Грција и ако ништо друго, барем да дознае дали Русија има какво било влијание врз одлуките на Грција за Македонија. Врските на актуелни високи грчки претставници директно вмешани во односите со Македонија со руски геостратези и советници на Кремљ, не даваат простор за омтимизам дека Грција сама решавала или дека сама ќе решава за иднината на Македонија во евроатланските организации.
(Текст објавен во 161. број на неделникот Република, 2.10.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


