| четврток, 6 декември 2018 |

Почна 6. Конгрес на педијатри во Македонија со гости и експерти од странство

Конгресот го отвори Маја Иванова, сопругата на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, која е и покровител на овој значаен научен собир

Повеќе од 600 лекари од Македонија, како и гости нивни колеги од регионот, од државите на ЕУ и експерти од Велика Британија, САД и Канада, учествуваат на шестиот Конгрес на педијатрите на Република Македонија што викендов се одржува во Струга.

Конгресот го отвори Маја Иванова, сопругата на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, која е и покровител на овој значаен научен собир.

– Конгресот е одлична можност за размена на искуства и мислења, што верувам ќе понуди препораки за идните трендови во дијагностиката и третманот на низа заболувања во детската возраст. Во тој контекст, уверена сум дека ќе донесете и конкретни предлози за подобрување на здравствените услуги за нашите најмлади и најранливи, најскапоцени и најмили, чие здравје, секако, сите го ставаме во преден план – истакна Иванова во обраќањето пред учесниците на собирот во Струга.

Иванова ја искористи можноста да потсети на активностите што таа со поддршка на нејзниот сопруг – претседателот Ѓорге Иванов, ги спрведува уште од почетокот на неговиот прв претседателски мандат, а во насока на подобрување на сите аспекти од живото на децата, кои како што рече се „нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост и нашата иднина“.

– Една од најдрагите мои активности посветени на децата е Националната кампања „Да помогнеме навреме“ за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје…Од денешна перспектива, отворањето на првиот детски ургентен центар ја потврди ургентноста на тој проект, ја потврди неопходноста од таа алка за подобро функционирање на Детската клиника, а се со крајна цел, спасување на што поголем број детски животи. Впрочем, вие, присутните педијатри, најдобро знаете што тој ургентен центар значи за децата кога секундите живот значат – истакна Иванова.

Изрази уверување дека со следната фаза од заеднички проект со Детската клиника ќе успее да се реализира и планот за адаптирање, реновирање и доопремување на делот за интензивна нега и терапија, што ќе значи комплетно модерен и најсовремен дел од Детската клиника.

Претседателот на Здружението на педијатри на Република Македонија, проф д-р Аспазија Софијанова, појасни дека во текот на трите работни дена на собирот во Струга ќе се дискутираат повеќе тема од областа на педијатријата, со учество и на 30 исклучителни експерти за неонатологија и педијатрија од 15 држави од светот.

– На овој конгрес, што се одржува секои четири години, ќе се дискутира на повеќе значајни теми, пред се на ретките болести што е тренд во државата, потоа трансплантацијата, интензивна нега и терапија, како и за развојната неврологија и пореметувањата во развојот кај децата од раѓање што влегува во делот на рано приметување на аутизам. Се разбира тука една од темите ќе биде и вакцинацијата, за која ќе имаме и дискусија со родители – изјави Софијанова.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top