| четврток, 6 декември 2018 |

Посебен сообраќаен режим за напреварот Македонија-Украина

Посебен сообраќаен режим попладне ќе биде воведен во центарот на Скопје поради меѓународниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Република Македонија и Украина, кој ќе се одржи на Националната арена „Филип Втори Македонски“ денеска со почеток во 20 часот и 45 минути во рамки на квалификациите за ЕП во фудбал.

Бидејќи се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, соопшти денеска СВР-Скопје, од страна на сообраќајната полиција ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот, односно од 17 часот ќе биде затворен дел од ул. „Аминта Трети“ и тоа на потегот на крстосницата со ул. „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“, па сѐ до фудбалскиот стадион, при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници.

Во попладневните часови ќе се преземаат и мерки за расчистување и за дислоцирање на затечените возила на сообраќајниците и на паркинг-просторите околу стадионот. Во периодот по 19 часот во зависност од потребите, моменталните состојби и интензитетот на сообраќајот ќе се ограничи приодот на возилата уште од бул. „Илинден“, односно кон стадионот ќе се пропуштаат возила со посебни пропусници, односно селективното пропуштање ќе биде на крстосниците на бул. „Илинден“. Во оваа пригода од сообраќајната полиција апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а доколку дојдат на натпреварот со возило за паркирање да ги користат околните дозволени паркинг-простори.

В сабота, со почеток во 17 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“, во рамки на Купот на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и Рајн Некар Левен, од Германија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top