| четврток, 6 декември 2018 |

МВР потврди: Разбојникот e повреден во престрелката во Влае

unnamed (1)

Вооружено маскирано лице попладнево извршило разбојништво во филијала на Стопанска банка во Ѓорче Петров и украло одредена сума пари. Грабежот во полиција бил пријавен од вработена во банката во 14 часот и 10 минути, по што веднаш интервенирала полициските „алфи“.

Како што информира портпаролот на МВР, Иво Котевски, лицето било забележано како влегува во патничко возило „ситроен“ со скопски регистарски таблици и заминува во правец кон Карпош. Алармирани се сите полициски службеници вклучувајќи ги „алфите“ кои се обиделе да го запрат возилото кај мостот Влајко, но крадецот почнал да пука кон нив, по што тие возвратиле. По престрелката возилото е запрено, а ограбувачот со екипа на итна медицинска помош е префрлен во Градската болница за  да му биде укажана медицинска помош.

– Дополнително чекаме лекарите да се изјаснат за карактерот на повредите. Во моментов се врши увид и на местото каде што се случила престрелката и е повредено лицето и на местото каде што е извршено разбојништвото во филијалата на Стопанска банка. Од увидот  досега е обезбедено и оружјето со кое лицето го извршило разбојништвото, а се вештачи и автомобилот и се утврдува целиот склоп на околности  околу двата кривично правни настани што се случија во многу кус временски рок – изјави Котевски.

Стопанска банка попладнево преку соопштение информира дека нема повредени меѓу вработените во филијалата. Во согласност со правилата, случајот веднаш бил пријавен в полиција и до надлежните во банката. Во тек е истрага за настанот. Филијата ќе продолжи со работа утре.

Според информации на „Република“, возилото со кое се превезувал разбојникот не е регистрирано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top