Кога контекстот на културниот амбиент на времето или, пак, тематскиот избор ќе исчезне во мноштвото на историскиот хаос, тогаш уметничкото дело добива класична аура.
Ова сознание беше главната естетичка стратегија на поп артот – уметничкиот правец што се појави во САД уште во педесеттите години на минатиот век, а светската слава ја здоби во шеесеттите години на минатиот век низ делата на Рој Лихтенштајн, Џаспер Џонс, Енди Ворхол и други.
Во однос на модернизмот, кој почна со историската авангарда во Париз и стана уметност на 20 век, а кој по повеќе од половина век владеење со уметничкиот дискурс на западниот свет стана еден вид естетска и интелектуална догма, поп артот одеднаш својата инспирација ја бара во сосема спротивна насока, кон тривијалноста и популарната култура, а, всушност, си игра со новонастанатиот модернистички култ, го оспорува, исмејува и урива, но и во потконтекстот сосема суптилно ги реактивира конзервативните естетски парадигми на миметичкиот уметнички концепт.
Одеднаш, сиот оној „треш“ или отпадната, масовна, инфлаторна и плебејска уметност, која ги задоволува културните потреби на масите, станува интригантна, провокативна и револуционерна.
Така сите тие „артизани“, кои, наводно, ја комерцијализираа и банализираа уметноста служејќи ѝ на индустријата за забава и за рекреација, добија многу значајни позиции во артикулацијата на новите перспективи на ликовната уметност како светски и историски феномен.
Слично со искуствата на рокендролот, така и уметноста на шеесеттите, изникната од базичните аспекти на општествената потреба од уметност, создаде еден динамичен и отворен систем, во кој фуриозната либерализација на урбаните заедници создава свои митологии и културни парадигми, кои со својата груба, но ирезистентна сила, едноставно ги прегазија веќе аутистичките музејски и елитистички азили на модернизмот.
Секако, поп артистите му дадоа смисла и поредок на овој стихиски изблик на уметноста на масите, на стрипот и на рекламата, на илустрацијата и на транспарентната еруптивност, на еротичноста и на насилстовото, всушност, на сите тие древни и бесконечни повторувања на драматичните конфликти меѓу доброто и злото, еросот и танатосот, хероите, криминалците, монструмите и убавиците.
И токму во овој чудесен океан од примитивизам и сентименталност, од перцептивност и сугестибилност, всушност, изникнува никулецот на постмодернизмот или, барем, еден негов аспект, кој почна да се артикулира уште од времето на дадаизмот.
А во овој аисторичен и популарен тип на творештво, кое е исклучително отворено кон своето време како консеквенција на потрошувачкото општество и кон популарниот пантеон на вредности, расте таа уметност, чијашто порака веднаш ја разбираме, а нејзината техничка вештина е дел од една експертиза што се подразбира како потреба, но и како достојна консеквентност.
Сепак, уметноста е едно долго и мачно искуство. Колку што поприродно и поспонтано се објавува, толку бара повеќе напор од творецот, воедно доведувајќи го на работ од лудилото. Но тоа отсекогаш функционирало на ваков начин, кога, по сè, ќе направиме една потемелна рекапитулација на сите тие креативни премрежиња низ кои се остварува уметничкото дело.
Тоа многу добро го знае мултимедијалниот уметник Тони Анастасовски, кој во своите креативни истражувања создаде еден завиден опус во повеќе ликовни дисциплини, но и уметнички родови.
Од илустрации, па до стрипот, цртежот и сликарството, Тони Анастасовски создава една уметничка визија, која зрачи со цел еден комплексен мозаик од творечки авантури и визии, кои ни претставуваат цела една историја на популарната култура. Секако, неговиот ентузијазам и посветеност е единствениот вистински стимуланс и за него, и за секој уметник, посебно во оваа средина, толку мала и игнорантна, толку задоволна сама со себе и вулгарна, без изграден систем на вредности и, конечно, без арт маркет. Но, така се создава уметноста и сиот тој напор, кој таа го бара од творецот, е само една фатална неминовност.
Сепак, во даден момент од творечката зрелост, уметникот може да се заврти наназад и да ги сумира резултатите од својот толку ирационален живот, зад кој останува еден цел паралелен свет, свет создаден од креативните капацитети на овој прометејски стремеж. Така и Анастасовски, во еден момент на себепрепознавање, ги објавува своите дела и ги става на увид на публиката и на историјата. Подобро, тој ги споделува со сите нас и во тој процес на интеракција тие добиваат ново значење и позиција.
Ова, само по себе – монографско дело на Тони Анастасовски, нè води низ разните фази и интереси што биле предмет на обработка на овој невообичаен македонски ликовен уметник. Почнувајќи од „Црно-бели илустрации“, кај Тони Анастасовски се гледа посветеноста на новата естетика на илустрирање, која во осумдесеттите години од минатиот век се појави во нашата поранешна држава, поточно во Загреб со групата „Нови квадрат“ и нејзините најмаркантни претставници, како Игор Кордеј или Мирко Илиќ.
Потоа Тони Анастасовски ни го претставува своето творештво на планот на уметноста на стрипот. Тука гледаме едно солидно познавање на делото на Алекс Рајмонд, Хуго Прат и Мебиус, од кои Тони се инспирирал и создавал свои интерпретации.
Потоа на ред доаѓаат илустрациите во боја, во кои Анастасовски го доловува цајтгајстот на популарните жанрови – вестерн и криминални претстави. Потоа следуваат илустрациите „фантази“ – прикаските за убавицата и за ѕверот и за суперхероите.
Во одделот со „цртежи“ Тони Анастасовски покажува силен талент и интерес за овој тип ликовно изразување. Тука веќе гледаме интерес за старите мајстори и историјата на уметноста. Потоа Анастасовски нè воведува во неговото сликарство, претежно изведено во акварелна техника.
Во своето лесно и интригантно сликарство, Анастасовски покажува наклонетост речиси кон сите стандардизирани тематики, воедно играјќи си со стилските изведби и зафаќајќи еден огромен експликативен простор, кој доаѓа сè до апстрактни ликовни амбиенти.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст