Лекар вербално и физички нападнал колешка во болница од внатрешноста. Прво ја навредувал и пцуел а потоа употребил и сила. Ја тегнел за коса и ја фатил за врат. Сакал да ја удри со глава од врата но бил спречен од неколку здравствени работници. Колегата ја начекал докторката пред одделот за интензивна нега. Бил револтиран бидејќи таа била наградена а тој не добил дополнителни финансии. Незадоволството го искажал со тупаници, објави „Сител“.
Во Лекарската Комора ова е прва ваква пријава за тепачка меѓу лекари. Целиот случај деновиве ќе биде рагледан и на Етичката Комисија.
–Кога лекарите ја полагаат Хипократовата заклетва, освен што се колнат дека беспрекорно ќе ја извршуваат својата должност, исто така ветуваат дека своите колеги ќе ги гледаат како браќа. Етичката Комисија треба да одлучи дали и какви мерки ќе бидат преземени за овој случај, вели потпретседателот на ЛКМ, Ленче Неловска за „Сител“.
И додека ќотекот меѓу лекари не е честа појава, не е невообичаено пациент да нападне доктор па и да го претепа. Годинава до ЛКМ пристигнале 5 пријави за вакви инциденти. Постар пациент сакал со бастун да ја удри матичната бидејќи не му ја пропишувала терапијата што тој ја сакал. За среќа удрил по бирото. Има случај и со судска завршница каде лекарка која имала телесни повреди добила отштета од лицето што ја повредило на работното место.
–Три од пријавите се на примарно ниво кога пациенти нервозни што не сакаат да чекаат на ред вербално ги напаѓаат лекарите. Има пријава и од скопска клиника кога таткото бил нервозен што не можел да чека, вели Нелоска
Од пред неколку месеци лекарите добија статус на службени лица со измените на Законот за здравствена заштита. Од ЛКМ велат дека останува на здравствените работници да одлучат дали ќе поднесат кривични пријави за попречување во работењето и напад на работно место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.