Министерството за финансии и Светска банка денеска ќе потпишат договор за финансирање изградбата на експресен пат од Крива Паланка до Ранковце.
Вредноста на договорот, што ќе го потпише вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, е 83 милиони евра од кои 78 милиони се за изградба на експресниот пат, а пет милиони за воспоставување систем за управување со мостови и институционална поддршка.
Изградбата на патот Крива Паланка-Ранковце треба да почне напролет. Патот ќе биде долг 26 километри, со четири ленти – по две во секој правец. Треба да овозможи подобрување на транспортната поврзаност на Коридорот 8, од Скопје до Деве Баир, како и на функциите на Јавното претпријатие за државни патишта.
Бордот на директори при Светска банка на 30 минатиот месец го одобри заемот од 83 милиони евра за Проектот за надградба и развој на патиштата во Република Македонија. Проектот е финансиран од Меѓународната банка за реконструкција и развој (ИБРД) преку заем во износ од 83 милиони евра со рок на доспевање од 28 години, вклучително и 8 години грејс период.
Според СБ, подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе ја зајакне интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ и ќе го олесни пристапот до нови пазари. Подобрениот пристап до границата со Бугарија, истакнуваат, ќе има позитивно влијание врз трошоците за логистика и исто така, ќе придонесе за подобра и посигурна поврзаност, ќе ја подобри мобилноста на населението и прекугранична интеракција долж коридорот.
Ова е трет транспортен проект за патишта кој Светска банка го финансира во Македонија. Првиот, Проект за поддршка на регионалните и локални патишта, кој ќе заврши на крајот на годинава, финансира обнова и надградба на 284 километри регионални патишта и над 400 километри локални патишта, вклучително и рехабилитација на свлечишта на селектирани патишта. Вториот, Проект за рехабилитација на магистрални и регионални патишта, одборен во септември минатата година, има за цел да ја зајакне поврзаноста на селектирани магистрални и регионални патишта на Коридорот 10 и 8.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Започнува реконструкцијата на „Долни Сарај“, една од најрепрезентативните сцени во Охрид
-
Внимателно возете: Девијации (преминување од една во друга лента) на патот Кичево-Охрид
-
Владата усвои нови два анекса на договорот за автопатот Кичево-Охрид
-
Коѕијас и Каменос ја преживеаја реконструкцијата на грчката Влада