| четврток, 6 декември 2018 |

Ученици промовираа инклузивно образование во седум града на Југоисточна Европа

Со свечена програма на учениците и на ученичките од АСУЦ „Боро Петрушевски“ на плоштадот „Јадран“ во Центарот на Скопје е одбележан Инклузивниот ден, во рамките на заедничкиот проект на Советот на Европа и Европската Унија именуван како „Регионална поддршка за инклузивно образование“ во Југоисточна Европа. Истовремено, покрај Скопје, сличен настан кој има за цел подигнување на свеста кај јавноста за инклузивното образование, се одржа и во Тирана, Приштина, Сараево, Подгорица, Белград и во Загреб под мотото „Сите се смееме, но на различен начин“.

АСУЦ „Боро Петрушевски“ е едно од 49 училишта од 48 градови одбрани да бидат пилот-училишта во рамки на оваа регионална програма која заеднички ја поддржаа Советот на Европа и Европската унија. По тригодишното искуство од спроведувањето на инклузивното образование, односно вклучувањето на сите деца во наставно-воспитниот процес, денес децата со подготвената програма покажаа дека овој вид образование е предуслов за инклузивно општество и дека е возможно во практика.

– Успешно спроведениот проект „Unlimited school 4 you“ и нашите позитивни искуства од процесот на инклузивно образование се надеваме дека ќе бидат пример и за другите училишта и тие да создадат предуслов за поддршка во креирањето и воведувањето на инклузивното образование во редовниот наставен процес – изјави Соња Атанасовска, професорка во АСУЦ „Боро Петрушевски“, која истакна дека преку овој проект е создадена мрежа на училишта и на наставници низ која циркулираат искуства и практики од регионот, но и од земјите на Западна Европа.

Учениците од АСУЦ „Боро Петрушевски“ на скопјани им приредија програма составена од музички точки и од театарска претстава насловена како „Нашето маало“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top