| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку пет цивили загинаа при руските напади во Сирија

Најмалку петмина цивили загинаа денеска при најновите руски воздушни напади во Сирија, јави германската агенција ДПА, повикувајќи се на тврдење на член на сирискиот опозициски Комитет за локална координација.

Истиот извор соопштил дека руските ловци ги бомбардирале градот Талбиси и селата Гирната и Ом Шаршух во централната сириска провинција Хомс и местото Ахеирбат во соседната провинција Хама, каде според него, нема припадници на џихадистичката група Исламска држава (ИД) и на огранокот на Ал Каеда во Сиирја, Фронтот Ал Нусра.

Според Комитетот, четири лица загинали при напад врз пазар во Ахеирбат, а едно при бомбардирањата во Хомс.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права ги потврди нападите во Хомс и Хама, додавајќи дека тие биле извршени од руски авиони.

Официјална Москва и властите во Дамаск засега не ги коментираа ваквите најнови обвинувања.

Руски официјални претставници досега во неколку наврати ги негираа обвинувањата на западните земји и медиуми дека цел на руските напади најчесто не се позициите на ИД, туку на умерената опозиција, која се бори против силите лојални на сирискиот претседател Башар ел Асад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top