Во Летонија не доаѓаат многу бегалци, но неколку стотици Виетнамци кои влегле во земјата сега се прогласени за проблем. Оградата на границата треба да ги спречи мигрантите.
Чао Виет Нгуен, роден во Виетнам, веќе десет години живее како уметник и цртач на стрипови во главниот град на Летонија, Рига. Од неговото перо меѓу другото потекнуваат илустрации на летонскиот национален еп „Лачплесис‟. Но, последните месеци Чао речиси и да нема време за цртање. Имено, неговото секојдневие е исполнето со барања за азил, судски процеси и сослушувања. Младиот Виетнамец постојано патува меѓу Рига и погранично градче, по налог на летонските власти како преведувач меѓу државата и мигрантите од неговата земја, пишува „Дојче веле“.
Според официјалните наводи, се повеќе Виетнамци илегално ја поминуваат летонската граница. Од земјата оддалечена 11.000 километри тие доаѓаат преку Русија и Европа. Откако пешки ќе ја поминат летонската граница, често ги фаќаат припадниците на граничната полиција. Многу од нив тогаш поднесуваат барања за азил во Летонија која е членка на ЕУ, но бидејќи Виетнам се води како земја со сигурно потекло, нивните барања се одбиваат.
300 бегалци доволни за паника
Оваа година регистрирани се 300 Виетнамци кои илегално влегле во Летонија. Тоа не е ништо во споредба со бројот на бегалците со кои овие денови се соочуваат другите земји во Европа, но наспроти тоа тие во летонската политика претставуваат сериозен проблем.
„До пред неколку години воопшто немаше илегални доселеници од Виетнам. Затоа ова за нас е целосно нова состојба‟, вели Марикс Петрусинс од летонската гранична полиција. Виетнамците во Летонија сега доаѓаат со помош на организирани банди на криумчари на луѓе кои се состојат од руски и летонски државјани.
„Меѓутоа, за Виетнамците Летонија е само транзитна земја‟, објаснува Чао Виет Нгуен. Тој вели, дека главно сакаат да одат во Полска или Германија, бидејќи таму постојат виетнамски заедници. „Многу луѓе доаѓаат од рурални краеви. Земале кредити и ги заложиле куќите да можат да ги платат шверцерите на луѓе‟, вели тој.
Но, Летонците имаат проблем со овој релативно мал број на бегалци. Единствениот постоечки прифатен центар во Летонија има 100 места. „За граѓаните од европските земји кои сега се изложени на голем бран на бегалци тие бројки се чинат целосно непроблематични. Но Летонците тоа го гледаат поинаку‟, укажува латвијскиот новинар Марис Зандерс. „Ние многу долго живееме со вербата дека сме далеку од мигрантските рути и дека нашата гранична полиција има само формална функција. Целата инфраструктура е предвидена за можеби 50 баратели на азил. Ако наместо тоа дојдат 300 луѓе, тоа тука веќе се вика блага паника‟.
„Менталитет на жртва‟
Со недели владата во Рига расправаше за тоа дали Летонија е подготвена да прифати 776 баратели на азил, колку што треба да добие според предвидената ЕУ квота, од другите земји членки. Во летонското општество доминира негативно расположение кон бегалците. Летонскиот социолог Аија Лулле зборува за своевиден „менталитет на жртва‟ кој владее меѓу нејзините сонародници. Таа потсетува на фактот дека за време на Советскиот Сојуз, стотици илјади луѓе од другите краишта на СССР се доселиле во Летонија, а притоа летонското население тие миграциски процеси воопшто не можеле да ги контролираат. Освен тоа, напоменува таа, Летонците во допир со доселеници од Блискиот исток и Африка до сега биле само преку телевизија.
Жичана ограда на границата со Русија
Летонија и Естонија сега сакаат дополнително да ја обезбедат својата граница со Русија. Летонија планира подигнување на 90 километри долга ограда на вкупно 270 километри долга граница. И соседна Естонија својата граница кон исток сака да ја „зајакне‟ со модерни средства за контрола и ограда.
Летонскиот министер за внатрешни работи Рихарс Козловски тврди дека овие мерки ќе ја спречат илегалната миграција. Според наводите на латвијската гранична полиција, посилното обезбедување на оваа граница е во план веќе подолги години, со оглед на тоа дека се работи за надворешна граница на ЕУ и НАТО.
Во контекст на украинската криза, во почетокот на 2015 година тогашниот летонски министер за одбрана Раимондс Вејонис предупреди дека инфраструктурата на оваа граница е катастрофална. Како и во Украина и тука во Летонија можат незабележано да влезат „мали зелени‟. Граничниот појас широк само шест метри поминува преку шуми и мочуришта. Неодамна новинарите на летонскатаа јавна телевизија повеќе пати тајно поминале, а никој не ги открил и тоа го снимиле. Поради тоа Летонците веруваат дека бројот на илегални мигранти е поголем од што е познато. Останува секако прашањето дали планираната ограда со камери и сензори ќе успее да спречи некој што поминал 11.000 километри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти