| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ влечела пари од Македонски Телекомуникации преку лажни договори за рекламирање и за кабловски услуги

makedonski-telekom

Како што Република веќе објави, компанијата Чаптекс од Кипар, фирма која се претпоставува дека била дел од групацијата на контроверзниот грчки бизнисмен Димитриос Контоминас, управувана од неговиот соработник Михаил Кефалојанис, имала клучна улога во шемата за исплаќање мито на политичари од владејачката коалиција на СДСМ во 2005 година, кога на чело на македонската Влада беа Владо Бучковски и Радмила Шекеринска. Според обвинението подготвено од американската Комисија за хартии од вредност, и доставено до Јужниот окружен суд во Њујорк, Македонски Телекомуникации и Маѓар Телеком подготвиле план да им исплатат најмалку 10 милиони евра на политичарите од врвот на СДСМ и ДУИ, а само преку лажни договори со компанијата Чаптекс испумпале 4,875 милиони евра од Македонски Телекомуникации и ги исплатиле на бизнисменот поврзан со Контоминас.

Договорите што Чаптекс ги склучувал, кои Република веќе ги објави, содржеле услуги кои оваа компанијата требала да ги изврши – намалување на износот кој Македонски Телекомуникации (МТ) мора да и го исплати на државата на име на консултантски услуги, измени во законот за работни односи со цел Македонски Телекомуникации да можат полесно да отпуштаат вработени и измена на правилниците за тарифирање и за утврдување на монополскиот статус на МТ. Првичната замисла на Контоминас и Кефалојанис била парите да им бидат исплатени на пет други компании на Кипар, но унгарските директори во Маѓар Телеком ова го одбиле, поради исклучително лошиот углед на овие компании, за кои било очигледно дека се параван за нелегални активности.

„Во поглед на ‘логистиката’ на исплатите, обвинетите Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи се инволвирале во серија лажни договори за ‘консултантски’ и ‘маркетинг’ услуги врз основа на кои ќе се извршат исплати. Грчките посредници првично понудиле лажни компании на Кипар како наводни соработници во овие фиктивни договори. Но, откако на обвинетите им станало јасно дека компаниите на Кипар не исполнуваат дури ни најосновни услови, обвинетите решиле да искористат друга компанија, Чаптекс, во сопственост на грчките посредници. Пред да биде откриена оваа шема, обвинетите одобриле исплата на 4,875 милиони евра на македонски функционери, преку договорите со Чаптекс. Некои од овие лажни договори биле антидатирани. Износот на сумата бил направен така да биде точно под прагот за кој е потребна да се даде согласност на Бордот директори”, пишува во обвинението подготвено од американската Комисија за хартии од вредност.

Chaptex dogovor da ispitaat bonitet na neimenuvana firma

Покрај договорите за намалување на фреквенциските давачки, измени на законот за работни односи и измена на методологијата за тарифирање и статусот на Македонски Телекомуникации, со Чаптекс бил склучен и еден поширок договор, за 1,7 милиони евра, со кој се наведени сите основи по кои Македонски Телекомуникации се подготвени да ја потплатат коалицијата на Бучковски, Шекеринска и Ахмети, за да си обезбедат привилегирана позиција на пазарот од која ќе можат да продолжат да ги ограбуваат македонските граѓани преку надуени сметки за телефонија и интернет. Барањата предвидувале да не се дозволи влез на трет мобилен оператор, дури ни како виртуелен оператор без право да поставува своја инфраструктура и базни станици, Агенцијата за електронски комуникации да биде слабо тело со мали овластувања, да не може да се случи МТ да биде прогласен за доминантен играч на пазарот што би повлекло последици за компанијата, да не се дозволи преносливост на броеви со што компанијата би загубила клиенти, и така натаму.

Chaptex dogovor potpisan od Atila i Kefalojanis

Меѓу договорите со Чаптекс е вклучен и еден договор датиран на 1 јануару 2006 година, склучен со Македонски Телекомуникации и потпишан од директорите на МТ Атила Сендреи и Ролф Плат од една и Кефалојанис од друга страна, вреден 900.000 евра, повторно под фамозната бројка од 1 милион евра што му овозможило на генералниот директор Сендреи да го склучи договорот без да бара согласност од Бордот на директори. Со овој договор, Чаптекс била ангажирана да обезбеди проверка на трета компанија која не е наведена во договорот – на местото на нејзиното име е оставен празен простор. Чаптекс наводно требало да го провери историјатот на оваа ненаведена компанија, нејзиниот финансиски статус, имот, евентуални долгови и слично, наводно со цел Македонски Телекомуникации да може да ја купи таа компанија. Се претпоставува дека и ова бил еден од лажните договори, за фиктивни консултантски услуги, со кои Македонски Телекомуникации и вршеле исплати на кипарската компанија на Контоминас и Кефалојанис, за кои знаеле дека ќе завршат во џебовите на луѓе од раководството на СДСМ.

Cosmotelco dogovor za kabelot

Друг сличен договор за кој американските власти се сомневаат дека бил склучен единствено со цел да се прелеваат пари од Македонски Телекомуникации на контото на грчките посредници бил потпишан на 21 март 2006 година со компанијата Космотелко, дел од групацијата на Контоминас. Во овој договор, предвидено е Космотелко на МТ да им отстапи употреба на ИПЛЦ кабловски услуги од Атина до Скопје, преку кабел чија финална адреса е наведена како МТС зградата на Космофон на Индустриска улица во Скопје. За оваа услуга, Македонски Телекомуникации се обврзале да и исплаќаат по 24.500 евра месечно на компанијата на Контоминас во рок од две години.

Netfon isplata 900000 evra za reklamni uslugi

Друг сомнителен договор што Македонски Телекомуникации го склучиле е потпишан со компанијата Нетфон експорт импорт од Скопје, предводена од Јоанис Јанопулос. Со овој договор, Нетфон добива право да продава производи и услуги понудени од Македонски Телекомуникации на своите продажни места, вклучително и припејд картички, телефонски пакети и интернет договори. Интересно во овој договор е што Македонски Телекомуникации се обврзуваат да исплатат 900.000 евра за испораката на рекламни материјали до продажните места на Нетфон. Според обвинението од Комисијата за хартии од вредност на САД, повторното појавување на оваа сума, од нецел милион евра, во договор со грчка компанија, како износ кој ќе се исплати за рекламен материјал, повлекува сомнеж дека се работело за лажен договор чија единствена цел била да се испумпаат пари од Македонски Телекомуникации во мрежата фирми под контрола на Контоминас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top