Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Њујорк ќе се претстави со два концерта, на 7 и 8 октомври.
-Во „Карнеги хол“ ќе настапи заедно со композиторот и пијанистот Дуке Бојаџиев, во изведба на негови дела, заедно со Исмаил Лумановски на кларинет, Крсте Роџевски како вокал, Матијас Кунцли на перкусии и Начо Аримани на перкусии и вокал. Особено значаен за нас е концертот во „Меркин хол“ во „Кауфман центарот“, на кој оркестарот ќе изведе многу комплексна програма од литературата за камерна музика. Камерниот оркестар, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, ќе изведе македонско дело – „Распеви на тема од Јован Кукузел“ од Гоце Коларовски, Концерт за кларинет и гудачки оркестар од турскиот композитор Хасан Тура, и „Дивертименто“ од унгарскиот композитор Бела Барток. А, како солист ќе се претстави македонскиот и светскиот виртуоз на кларинет, Исмаил Лумановски, рече директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ.
Њујорк е голем културен центар во кој има постојано различни концерти, гостувања на врвни оркестри од цел свет.
-Токму затоа одбравме ваква програма со која можеме да ги измериме силите на нашиот оркестар. Исмаил Лумановски е музичар со кој имаме одлична соработка. Се разботи за врвен уметник кој делува во светски рамки и кој подеднакво добро ги изведува сите музички стилови. Тој е познат на њујоршката публика и веруваме дека заедно со него ќе успееме да се претставиме не само пред љубителите на класичната музика, туку и пред музички образована публика која на нашиот концерт ќе може и критички да се осврне, подвлече Чаначевиќ.
Гостувањето во Њујорк е комплетно поддржано од Министерството за култура на Република Македонија и ова е единствен и убав начин за промоција на врвната македонска музичка култура надвор од границите на нашата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“
-
Бетовеновата „Деветта“ утре во Македонска филхармонија под диригентската палка на Густав Кун