Проектите за обнова на опожарените конаци на Трескавец се целосно завршени и очекуваме идната недела прилепскиот „Завод и музеј“ да ја почне постапката за објавувањето на тендерот за избор на изведувач и да почне обновата на опожарените конаци- изјави денеска министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска при посетата на реновираната староградска куќа на семејството Жеревци во Прилеп.
– Помина и позитивната ревизија. Многу се работеше изминатиот период. Се трудевме максимално да одиме со завршување на сите проекти, да завршат сите одеднаш, а не фазно и да се објави еден тендер за изведувач кој ќе се однесува на сите проекти заедно. Во фаза сме на добивање конзерваторско решение од Управата за заштита на културното наследство. „Завод и музеј“ Прилеп ќе може следната недела да ја почне постапката за објавување тендер за изведувач и за брзо време тој да биде избран – рече Канческа- Милевска.
Нагласи дека во текот на октомври ќе бидат промовирани целосно завршените проекти во манастирите Зрзе и „Свети Архангел Михаил“ во Варош.
– Овој месец ќе се промовираат два значајни проекти. Целосната реконструкција на манастирскиот комплекс во Зрзе, како и патот кој е веќе изграден до манастирот. Овој месец ќе го промовираме и изградениот источен конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош – додаде Канческа – Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.