| четврток, 6 декември 2018 |

Пет компании на Кипар поврзани со СДСМ

makedonski
Компанијата Чаптекс, лоцирана на авенијата Костаки Пантелидис број 1010 во кипарскиот главен град Никозија, со која раководел грчкиот бизнисмен Михаил Кефалојанис, соработник на контроверзниот бизнисмен Димитриос Контоминас, е во центарот на аферата Телеком. Оваа компанија склучила низа договори со Македонски Телекомуникации и со групацијата Стоунбриџ, доминантен сопственик во МТ, сите со износ малку под милион евра за да се избегне обврската за распишување на тендер. Овие договори биле за наводни консултантски услуги со цел да се смени законот за работни односи, да се намали фреквенциската давачка која Македонски Телекомуникации биле обврзани да ја плаќаат секоја година, да се смени начинот на тарифирање на разговорите, всушност, според обвинението од американската Комисија за хартии од вредност, служеле како начин да се испумпаат пари од Македонија во Кипар, за потоа да им бидат вратени на политичарите од раководството на СДСМ.
Кефалојанис е повикан како сведок, заедно со Контоминас и нивниот соработник Ставрос Ставридис, а се претпоставува дека бил сослушан и од страна на ФБИ кој ги обезбедил доказите во аферата која го имплицира раководството на македонската Влада во 2005 година. Но, од документите доставени пред судот во Њујорк, каде се води спорот за аферата Телеком, се покажува дека Чаптекс не била единствената компанија која била разгледувана во коруптивната афера. На 9 јуни 2005 година Андраш Балог, стратегискиот директор на Маѓар Телеком, му испратил имејл порака на Елек Штрауб, главниот и извршен директор на компанијата. Двајцата се обвинети пред судот во Њујорк. Во пораката, Андраш вели:
Елек, еве ти ги македонските компании за логистика. Сите се од Кипар. Можеби ќе можеме да најдеме некој да провери кој им е сопственик од тука”.
Во продолжение е порака која Кефалојанис му ја испратил на Балог претходното попладне, во која се наведени пет компании со седиште во Кипар. Изразот “логистика” асоцира на тоа дека компаниите требало да бидат користени место Чаптекс за склучување на коруптивните договори и префрлање на парите кои на крајот ќе завршат на контото на СДСМ.
Наведени се следните компании: Medcyber Consulting LTD, Falconer Holdings – Limassol, McArthur Lloyd Consulting LTD, WCS LTD и Broomwood Consulting LTD. За компаниите Фалконер и Мекартур Лојд е наведено дека се лоцирани на иста адреса, улицата Евахора Папахристофору број 18/3030, во кипарскиот град Лимасол. За Медсајбер е наведено дека е лоцирана на улицата Андреа Каиву број 5, канцеларија 102, исто така во Лимасол. Брумвуд Консалтинг е осо адреса на Москоу 1, Кифира Корт, стан 302 во Лимасол. За компанијата ВЦС е наведено дека адресата е на Сејшелските Острови, кои покрај Кипар се позната оф шор локација за компании кои сакаат дискретно да префрлаат пари и влегуваат во бизнис релации без да се знае вистинскиот извор на парите. Но, и оваа компанија, како и другите четири, навела дека нејзината банкарска сметка е отворена во Кипар.
Prvicnite kiparski firmi, koi se makedonski - albanski
Заедно со имињата на компаниите, Кефалојанис во пораката до Балог, која овој ја препратил до Штрауб, ги навел и банкарските сметки на компаниите. Медсајбер и Фалконер имале сметки во Араб Банката во Лимасол, Макартур Лојд имал сметка во Алфа Банката, исто така во Лимасол, а ВЦС и Брумвуд Консалтинг отвориле смека во Банката на Кипар во Лимасол.
Предложените компании очигледно не им се виделе сериозни на унгарските менаџери. На 16 јуни 2005 година, Балог испраќа мејл до Кефалојанис и Ставридис, во кој ги информира дека Елек Штрауб му рекол дека целата “конструкција” е ризична, поради што компанијата мора да работи со компании кои имаат соодветно законско покритие.
Не можев да зборувал со Елек, само контактираме со мејл, бидејќи е на одмор. Ми прати имејл и ми го потврди тоа што го разговаравме вчера: имајќи го предвид нивото на ризик во конструкцијата, мораме да работиме со компании со соодветно законоско покритие. Поврзувањето со Космотелко исто така не е оптимално, бидејќи тогаш ќе имаме сличен проблем со ревизијата, како што ви објаснив претходно. Тој побара да помогнете да најдеме добри нивни компании со кои ќе можеме да соработуваме. Мора да идат проверени компании во поглед на нивните сопственици и ‘црни листи’”, пишува Балог до двајцата грчки соработници на Контоминас.
Koi se makedonskite koi albanskite kompanii i potvrda da ima celo
Во понатамошниот дел од текстот, Балог укажува дека унгарските менаџери разбирале дека од овие пет компании, дел се наменети на македонскиот, а дел на албанскиот дел од конструкцијата, односно дека парите кои евентуално би биле префрлени на компаниите ќе бидат поделени меѓу СДСМ и ДУИ. Ова го отвара прашањето дали овие пет компании на Кипар, кои ги посочил човекот од доверба на Контоминас, веќе биле дел од разработена шема за корумпирање на коалицијата на Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Али Ахмети.
Koi se makedonskite koi albanskite kompanii i potvrda da ima
“Како што му кажав на Михаил, мораме да ги идентификуваме ‘македонските’ од ‘албанските’ компании и договори и би сакале да добиеме потврда по трансакцијата од високи претставници на двете страни дека го добиле тоа што им било ветено”, пишува Балог до Михаил Кефалојанис и Ставрос Ставридис.
Оваа реченица е еден од крунските докази во процесот што американската Комисија за хартии од вредност го води во аферата Телеком, бидејќи таа недвосмислено покажува дека на сите вклучени во аферата им било јасно дека договорите што Македонски Телекомуникации и групацијата Стоунбриџ ги склучувале со Чаптекс биле чисти коруптивни зделки, и дека парите префрлени по основ на фиктивните консултантски договори биле наменети за највисокото раководство на коалицијата на Бучковски, Шекеринска и Ахмети.
Но, приказната со петте сомнителни компании на Кипар и Сејшелските острови не завршува тука. На 9 јуни 2005 година Андраш Балог испратил имејл порака до доктор Петер Данко, поранешен директор за правни прашања на Маѓар Телеком. Пораката е куса:
Balog do Danko proveri ni pet firmi na Kipar
“Петер, дали можеш да ја провериш сопственоста на пет компании регистрирани на Кипар, и тоа за разумна сума?”.
Одговорот доаѓа на 15 јуни 2005 година од Золтан Кишиуж, директорот на групацијата Стоунбриџ, упатена до Балог и Данко. Во неа севели дека Петер Данко обезбедил информации за четирите компании кои имаат седиште на Кипар, при што биле користени информации од правниот застапникна Маѓар Телеком на Кипар.
 Kisiuz na Balog i Danko gi ispitale kiparskite firmi
“Во врска со сите овие компании, добивме инфорамција дека не доставиле завршни сметки до административниот суд. Во моментов, немаме одговор за тоа дали на Кипар има јавно достапна листа на компании кои можеби се осомничени за перење пари или тероризам. За да го разјасниме ова прашање, и да ги идентификуваме сопствениците на овие компании, повторно ќе бидеме во контакт со правниот застапник на Кипар”, пишува во пораката, која укажува дека унгарските директори во Маѓар Телеком и Стоунбриџ биле во недоумица дали е паметно да се користат компаниите предложени од Кефалојаиис во коруптивната зделка со тогашните македонски власти во која планирале да влезат.
Во приложената порака испратена од правниот застапник на Маѓар Телеком на Кипар се вели дека компаниите ги менувале имињата низ годините, а како константа излегуваат две имиња на нивните директорки, Емили Прастити и Антониа Михаел. За сите компании се вели дека се компании од лош углед, кои не доставуваат завршни сметки.
kiparska firma originalno ime ne podnela zavrsni smetki
За Медсајбер Консалтинг се вели дека била формирана во 1996 година, првично под името GRP Counsulting. Како директор на фирмата е наведена фирмата PPT Nominees Limited. Брумвуд Консалтинг била формирана во 2000 година под истото име, а како директори се наведуваат лицата Антониа Михаел со адреса на улицата Итакис број 6, 4632 Колоси во Лимасол и Емили Прастити, со адреса на улицата А Елиа Елиаде број 32, Като Полемидиа 4154 – Лимасол. Како секретар на фирмата Брумвуд е наведена фирмата PPT Secretarial Limited. Компанијата Фалконер била формирана во 1996 година, престанала да поднесува завршни сметки во 2003 година и како директорка ја наведува истата Емили Прасити, а како главни акционери се наведени компаниите PPT Nominees и PPT Secretarial. Макартур Лојд Консталтинг, според истражувањето на Маѓар Телеком, била формирана во 1999 година, првично под името Unimet Trading Limited, и повторно е со Антониа Михаел како директорка, а со PPT Nominees и PPT Secretarial како сопственици.
 kiparskite firmi ispitana
Повторувањето на имињата и адресите на компаниите како и на сопствениците укажува дека се работело за низа на лажни компаии, какви на Кипар ги има во изобилство, кои служеле за перење пари, криење на исплатите од разните балкански, руски и блискоисточни шверцери, криминалци и корумпирани политичари. Согласно материјалите доставени во судот во Њујорк, јасно е дека унгарските менаџери одбиле да влезат директно во петте компаии посочени од Кефалојанис, но на крајот, договорите сепак биле потпишани со компанијата Чаптекс, и сепак го привлекле вниманието првин на внатрешната ревизија на Македонски Телекомуникации, па на Маѓар Телеком и конечно на американските власти, кои покренаа анти-корупциски процес согласно законите кои важат во САД дека секоја компанија што котира на американската берза може да биде гонета за корупција во земјата во која дејствува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top