| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Мисајловски: Целта на Владата е отварање на нови дестинации и поквалитетен воздухопловен систем

Министерот за Транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски денеска во Брисел одржаа работна средба со генералниот директор на ЕВРОКОНТРОЛ, Франк Бренер.

Како што се соопштува од министерството целта на посетата во Брисел се разговорите за поквалитетен воздушен систем во Р. Македонија, отварање на нови дестинации и директни линии за патниците од македонските аеродроми и вклучување на М-НАВ во системот на централизирани услуги на ЕВРОКОНТРОЛ.

misajlovski 1

Министерот Мисајловски даде уверување дека Владата на Република Македонија ќе создаде правни услови за вклучување и на други национални провајдери во име на ЕВРОКОНТРОЛ се со цел зголемување на линиите од аеродромите во Скопје и Охрид.

Исто така на средбата се отвори и прашањето во однос на барањето на М-НАВ, плаќањата за терминалните летови да се реализираат преку ЕВРОКОНТРОЛ. Министерот изрази уверување дека ќе се рагледаат сите барања и доколку постои правна можност ќе бидат инкорпорирани во Законот за воздухопловство.

– Прво сакам да се заблагодарам на поканата на диркторот на ЕВРОКОНТРОЛ, Бренер. Имајќи предвид дека за прв пат министер за транспорт од Република Македонија е во посета на ЕВРОКОНТРОЛ, тоа ја покажува стратешката определба на ова европско тело во реализација на проекти од заеднички интерес. Сакам да нагласам дека на средбата директно отворивме неколку прашања што не засегаат и двете страни. Разговаравме за идејата М-НАВ да се вклучи во еден централизиран систем на услуги што ќе ги нуди во име на ЕВРОКОНТОЛ и за тоа ние како Влада даваме целосна поддршка. Со тоа сметаме дека македонската навигација дополнително ќе ги зголеми своите капацитети и од аспект на финансиското работење и од аспект на продуцирање на нови кадри и услуги што ќе се нудат на останатите национални провајдери. Разговараме и идните инвестиции што ќе ги преземеме како Влада за развој на овој сектор, изјави Мисајловски.

На средбата беа презентирани досегашните проекти и реформи реализирани во цивилната авијација, особено акцент се стави на инвестициите што се во фаза на реализиција како што е набавката на нов АТМ систем во вредност од околу 8 милиони евра, набаката на нова опрема за комуникација во вредност од 2 милиони евра, набавка на радарска опрема во вредност од околу 3, 7 милиони евра како и набавка на метео опрема за двата аеродорми во вредност од околу половина милион евра.

misajlovski 2

– Република Македонија стана препознатлива земја за инвестирање во делот на воздухопловството со реформите што ги превземаме како Влада. Веќе имаме неколку авиокомпании кои ги препознаа таквите политики и инвестираа во земјата. Моментално имаме околу триесетина европски дестинации што се достапни за македонските граѓани. Исто така бројките покажуваат дека имаме зголемување на бројот на патници за 18 % или ја постигнавме бројката над 1 милион патници заклучно до август. Тоа не стимулира да продложиме и понатаму да спроведуваме реформи во овој сектор се со цел да понудиме квалитетен воздухопловен систем и што повеќе дестинации за граѓаните, посочи, министерот за транспорт и врски.

Директорот на ЕВРОКОНТРОЛ, Франк Бренер изрази задоволство за сите проекти што се реализираат во македонското воздухопловство и даде уверување дека ќе ги поддржи сите проекти што создаваат напредок и развој на цивилната авијација во Република Македонија.

misajlovski 3

– М-НАВ забележа одлични резултати преку зголемување за околу 25 % на сообраќајот меѓу 2013 и 2014 година и 9 % зголемување минатата година со отворање на воздушниот простор над Косово и тоа нас не радува. Во таа насока бараме поддршка М-НАВ да се вклучи во централизираните услуги на ЕВРОКОНТРОЛ, се надевам дека до крајот на годината ќе имаме конкретни резултати, изјави Бренер.

– Агенцијата досега успешно ги менаџира процесите за развој на воздухопловниот сектор во Република Македонија. Имаме неколку отоврени набавки со кои ќе придонесеме кон зголемување на капацитетите на авиосообраќајот во Македонија, посочи директор на АЦВ.

На средбата и двете страни се договорија дека целосно ќе работат на билатералната и регионалната соработка во спроведување на националните политики во воздухопловниот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top