| четврток, 6 декември 2018 |

Помала брзина, поголеми казни – граѓаните очекуваат дека ќе се подобри безбедноста во сообраќајот (ВИДЕО)

Новите поригорозни казни и измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој го донесе Собранието на РМ, сериозно ќе придонесат за подигнување на безбедноста на сообраќајот, а со тоа ќе влијаат кон намалување на жртвите на сообраќајните несреќи.

policija

Посебно значајни се оние одредби кои ја регулираат максималната брзина на возење во урбани средини, смета претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Стојче Стаменковски.

– Во тој поглед, доколку во населено место се вози со брзина за 50 км над дозволеното, пропишана е глоба од 400 евра во денарска противвредност, односно 65 негативни бода. Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од 6 до 12 месеци. Доколку пречекорувањето на брзината е од 30 до 50 км, казната е 300 евра во денарска противвредност, односно 50 негативни бода и забрана на управување на моторно возило од 3 до 12 месеци. За брзина поголема од 10 до 30 километри на час над дозволената, казната е 45 евра во денарска противвредност, односно 25 негативни бода. Казна е предвидена и за брзина поголема од десет километри на час над дозволената брзина и тоа 10 евра во денарска противвредност, односно десет негативни бода – истакна Стаменковски.

Тој  потенцира дека останува задолжителна обврската да се вози со вклучени светла и дење и ноќе, а казната за непочитување на оваа одредба изнесува 15 евра дење, 35 евра ноќе, односно 15 негативни бода.

И граѓаните ги поддржуваат законските измени, особено онаа за намалување на максималната брзина за возење во урбани средини од 60 на 50 км на час. Поголемиот дел од нив сметаат дека новите одредби на Законот ќе придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.

Подготви:Јана Јосифовска
Видео: Дејан Станчевски
Монтажа: Илија Јовановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top