Поголем број документи во доказниот материјал доставен пред судот во Њујорк во аферата „Телеком“ се однесуваат на кампањата на „Македонски телекомуникации“ и „Маѓар телеком“ да го изменат текстот на предложениот закон за работни односи кој беше изгласан во летото 2005 година. Документите покажуваат дека групацијата „Стоунбриџ“, во доминантна сопственост на „Маѓар телеком“, која е сопственик на „Македонски телекомуникации“, непосредно пред изгласувањето на законот, ѝ исплатила безмалку еден милион евра на кипарската компанија „Чаптекс“, контролирана од Димитриос Контоминас.
Овие пари, според тврдењето на американската Комисија за хартии од вредност, потоа им биле исплатени на политичари од СДСМ и ДУИ како поткуп за остварување на барањата на „Маѓар телеком“ и „Македонски телекомуникации“. Меѓу серијата барања, за кои биле склучени повеќе слични корупциски договори со Чаптекс, клучно било барањето да ѝ се овозможи на компанијата да остане да функционира практично како монопол во Македонија, дури откако Европската Комисија најостро побарала либерализација на пазарот.
Документите што се однесуваат конкретно на законот за работни односи покажуваат дека „Маѓар телеком“ барал бришење и измена на членови од законот за работни односи, со цел компанијата да може полесно да отпушти преку 1.000 вработени, без да мора претходно да бара согласност од синдикатот, и да им понуди пониски отпремнини на отпуштените. За оваа цел, во е-порака испратена на 30 мај 2005 година од страна на Мартон Халаши до Јозеф Барањи, двајцата менаџери за човечки ресурси во Македонски телекомуникации, се вели дека компанијата стапила во контакт со два „лоби-канали“ на кои ќе им бидат дадени насоки кои се главните цели што „Маѓар телеком“ сака да ги постигне во врска со новиот закон за работни односи.
Документите достапни пред судот и прашањата подготвени за сведоците, покажуваат дека „Маѓар телеком“ склучил повеќе договори со адвокатите Георги Димитров и Марија Давидовска, за правни услуги во врска со Законот за работни односи, при што унгарските директори на Димитров му доставиле список на детални измени во Законот за работни односи кои сакаат тој да им ги обезбеди.
Договорот, кој е заведен како доказен материјал е непотпишан, но предвидено е на него да стојат потписите на адвокатот Димитров и директорите во „Македонски телекомуникации“, Атила Сендреи и Мартон Халаши.
Во списокот се содржани барања на „Маѓар телеком“ идниот Закон за работни односи да не ги штити бремените жени од отпуштање и да не им овозможува право на работниците да се грижат за болните членови на семејството. Во документите е заведена и табела, кои измени лобистите на „Маѓар телеком“ успеале да ги издејствуваат, а за кои биле неуспешни, и наведена е сумата во евра која ќе им биде исплатена за секоја измена. Иако овие измени „Маѓар телеком“ ги правел имајќи ги предвид сопствените интереси во врска со своите неколку илјади вработени лица, доколку биле прифатени, овие измени ќе важеле за сите вработени во Македонија.
Што се однесува до заштитата на бремените работнички, во договорот кој бил склучен меѓу адвокатот Георги Димитров и Атила Сендреи и Мартон Халаши, директорите на „Маѓар телеком“ и „Македонски телекомуникации“ го побарале следново: „Член 88. Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работничките за време на бременоста, раѓање и родителство и отсуство поради нега и чување деца. За време на периодот наведен во став 1 од овој член, работниот однос на вработените не може да биде прекинат со известување дадено од работодавачот. Доколку работодавачот се изјаснува дека при издавањето на известувањето не знаел за бременоста на вработената, тогаш ќе важи одделната законска заштита за известувањето, доколку вработената веднаш, или во случај на пречки кои не се по нејзина вина, веднаш по истекот, го информира работодавачот за својата бременост за што ќе поднесе и соодветна медицинска потврда“.
Вака гласел текстот на членот 88 од законот за работни односи. Во договорот со адвокатот Георги Димитров, унгарските директори го побарале следното – „овој член им дозволува на вработените да ја злоупотребуваат бременоста за намерно да ги прекршат одредбите од договорот. На пример, што ако бремена работничка не дојде на работа цела недела? Дали работодавачот има право да го раскине договорот со неа? Или, што ако бремена работничка се однесува кон своите клиенти на несоодветен, провокативен или навредлив начин? Овој вид на дополнителна заштита не е содржан во постојиот закон. Затоа, нема логика за стопроцентна заштита на бремените работнички и овој член мора да биде избришан“, побарале унгарските менаџери од адвокатот Димитров.
Во табелата во која се оценувала неговата успешност е забележано дека тој не успеал да го смени овој дел од законот и во графата за паричен износ кој ќе го добие по овој основ е запишано „0“ евра.
Лобирањето кое менаџерите на „Македонски телекомуникации“ и „Маѓар телеком“ го побарале од адвокатот Димитров не било успешно ниту по други основи. На пример, директорите на „Македонски телекомуникации“ побарале да биде сменет и членот 73, кој предвидувал отсуство на вработените за грижа на болен член на семејството.
„Член 73. Привременото отсуство од работа поради болест, повреда или ГРИЖА ЗА ЧЛЕН НА СЕМЕЈСТВОТО (забелешка: овие зборови мора да се избришат или појаснат) не е оправдана причина за раскинување на договорот за вработување. Не е јасно што значат зборовите ‘грижа за член на семејството’ и кои се условите кои треба да бидат за да имаме ситуација во која вработениот ќе се грижи за член на семејството“, напишале двајцата унгарски директори во договорот со адвокатот Георги Димитров.
Во табелата во која е оценета успешноста на Димитров, се вели дека и по ова прашање, тој не успеал да ја постигне целта на лобирањето и надоместот ќе изнесува „0“ евра. Членот кој му дозволува на работникот да се грижи на член на семејството бил усвоен како дел од Законот за работни односи како дел од членот 77.
Но, според табелата приложена како доказен материјал пред судот во Њујорк, унгарските директори преку адвокатот Димитров успеале да излобираат важни измени во Законот за работни односи. Така на пример, наведено е дека првичната верзија на законот содржела два члена, број 68 и 69, кои ги гарантирале синдикалните права на вработените. Во членот 68 се вели дека работодавачот има обврска да го извести синдикатот или други претставници на работниците дека планира да отпушти некој вработен, при што синдикатот може во рок од осум дена да се спротистави на отпуштањето на работникот како неосновано. Доколку синдикатот почне ваква процедура и пред суд го оспори отпуштањето, работодавачот мора да го задржи работникот на работа уште 30 дена, или да го отстрани од работа, но да му исплаќа 70 проценти од платата што дотогаш ја примал. Унгарските директори побарале од Димитров да издејствува овие два члена да бидат избришани од законот.
„Членовите 68 и 69 му дозволуваат на синдикатот да игра улога која би требало да ја игра само суд. Синдикатот е природно пристран кон работникот. Гарантирањето на правото на синдикатот да се спротистави на одлуката за отпуштање е претерано силна социјална мерка за заштита на работниците, која секако ќе ја намали конкурентноста на македонските компании во споредба со соседните земји. Овој член мора да биде избришан“, пишува во договорот потпишан од Георги Димитров, Сендреи и Халаши. Понатаму, во табелата во која била оценета реализацијата на договореното, е наведено дека: „По членовите 68 и 69, сметавме дека е клучно овие членови да бидат избришани. Лобирањето беше успешно. 800 евра“.
Понатаму, наведен е надомест од 400 евра за појаснување на членот 72, 400 евра за успешно лобирање да се измени делот од членот 85 кој се однесувал на услови за отпуштање, 400 евра за измени во членот 81 за компанијата да не мора да го почитува мислењето на Бирото за вработување во случај на отпуштање на работник, 800 евра за измени во членот 110 кои се однесувале на користењето на годишниот одмор, 800 евра за успешно лобирање да се смени членот 271 од нацрт законот во кој „Македонски телекомуникации“ сакале да се допише уште една реченица во врска со колективните договори и така натаму.
Точниот износ на пари исплатени за ова менување на законот за работни односи не е прецизиран во процесот пред судот во Њујорк. Димитров склучил повеќе договори со „Македонски телекомуникации“, еден во декември 2004, друг во април 2005, а скандалозниот договор во кој во детали се предвидуваат посакуваните законски измени е датиран на 1 јуни 2005 година. Истиот ден е склучен и договорот меѓу групацијата „Стоунбриџ“ и кипарската фирма на Димитриос Контоминас Чаптекс, во кој, за истата услуга – измена на Законот за работни односи, „Стоунбриџ“ се согласил да исплати речиси милион евра.
Во доказните материјали наведени се договори на Димитров да му се исплатат 405 илјади денари од 22 декември 2004 година и 1,55 милиони денари на 14 март 2005 година.
Но, во прашањата подготвени за Мартон Халаши, кој е повикан како сведок, ги има и следниве прашања: Дали имате претстава зошто групацијата „Стоунбриџ“ се согласила да му плати 980.000 евра на Чаптекс ако сите цели поврзани со измените во македонскиот закон за работни односи веќе биле исполнети? Дали е точно дека активностите кои господин Димитров требало да ги изврши вклучувале среќавање со релевантни личности? Дали знаете дали господинот Димитров се среќавал со ‘релевантни’ личности?“ Дали се консултиравте со некого во врска со износот на пари кои се согласивте да им ги платите на Георги Димитров и на Марија Давидовска за остварување на истите цели? Кој беше надоместокот за ангажманот на Давидовска и на Димитров? Дали Давидовска и Димитров беа успешни во нивните лоби-услуги? Дали Давидовска и Димитров работеа со Атила Сендреи на лобирањето? Дали на господинот Димитров му биле исплатени 900.000 евра? Дали се сеќавате дека му биле исплатени повеќе од 100.000 евра? Дали се сеќавате дека му биле исплатени повеќе од 10.000 евра? – пишува во прашањата предвидени за Мартон Халаши, задолжен за човечки ресурси во „Македонски телекомуникации“.
Професорот Тито Беличанец ангажиран како консултант?
Според прашањата подготвени за унгарските директори на „Маѓар телеком“ и „Македонски телекомуникации“, кои се повикани како сведоци во случајот во Њујорк, има и сет прашања за тоа дали Тито Беличанец, професор на Правниот факултет во Скопје и експерт за трудово право, бил ангажиран како консултант за да се извршат измени на Законот за работни односи од 2005 година.
Во материјалите пред Њујорк се содржани следните прашања:
„Други консултанти. Дали е точно дека, покрај господин Димитров и госпоѓа Давидовска, ‘Македонски телекомуникации’ се консултира и со други поединци во врска со нацрт-законот за работни односи? Дали еден од нив беше Тито Беличанец? Дали е точно дека консултациите со господинот Беличанец беа само повремени, бидејќи неговите услуги беа прескапи?“ Во друг сет прашања подготвени за унгарските сведоци како, Халаши пишува: „Кој е Тито Беличанец? Каков вид работа извршуваше Беличанец? Дали Беличанец беше ангажиран во врска со ревизијата на законот за работни односи? Дали ‘Македонски телекомуникации’ контактираа со Беличанец? Ако контактираа, кои беа условите на неговиот ангажман?“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст