| четврток, 6 декември 2018 |

Обама и Путин разговараа за Сирија, Ирак и за Украина

Image: File photo of U.S. President Obama meeting with Russian President Putin in Los CabosПретседателите на САД и на Русија, Барак Обама и Владимир Путин, се сретнале вчера во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН.

Двајцата разговарале подолго од еден и пол час за ситуацијата во Сирија, во Ирак и во Украина.

По состанокот одржан зад затворени врати, изјава дал рускиот претседател.

– Односите меѓу Русија и САД се на ниско ниво, но не поради наша вина. Ние сме подготвени за соработка – изјавил Путин.

Тој рекол дека со Обама воделе искрен и „многу корисен“ разговор. Исто така, информирал дека разговарале за информативниот центар во Багдад воспоставен од Русија, Иран, Ирак и од Сирија, за кој вели дека е отворен со цел за борба против ИСИС.

Путин не ја исклучува можноста Русија да се приклучи во воздушните напади врз Исламската држава.

Што се однесува до ситуацијата во Сирија, Путин рекол дека е грешка на Западот што не сака да соработува со сириската влада.

Двајцата претседатели пред почетокот на средбата само се ракувале и не дале никакви изјави за новинарите.

Најавено било дека средбата ќе трае 55 минути поради набиениот распоред на двајцата претседатели, но разговорот се одолжил уште половина час.

Американските медиуми јавуваат дека разидувањата меѓу двете држави се толку големи што пред состанокот не можеле ниту да се договорат за заеднички став околу тоа што ќе биде главна тема, односно цел на состанокот.

– Белата куќа соопшти дека ќе се фокусира на Украина и на тоа Москва да го почитува кревкиот мировен план. Кремљ рекол дека за Украина ќе се разговара само ако има време, додека главна тема на разговорот ќе биде Сирија и борбата против Исламската држава – пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top