Немешањето и непристрасноста во судството е цел на секое модерно општество. Судскиот совет заштитата на независноста на судската власт од мешање во нивната надлежност ја обезбедува и гарантира преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите, пренесе МИА.
Ова денеска го истакна претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски на тркалезната маса на тема „Улогата на Судскиот совет и највисоките судови во заштита на судиите од мешање во нивната независност“, во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
– Судскиот совет заштитата на независноста на судската власт од мешање во нивната надлежност ја обезбедува и гарантира преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите, притоа применувајќи ги темелните вредности предвидени во Уставот со кои се обезбедени преку уставното начело за поделба на власта, на законодавна, извршна и судска, односно преку конституирање на независното судство, истакна Ушковски.
Појасни дека спречувањето на секое влијание врз судиите во врска нивниот избор и унапредувањето веќе е имплементирано во законот. Кандидатите, како што додаде, треба да исполнат повеќе услови.
– За судија во Основен суд може да биде избран само кандидат кој ја завршил обуката за судии и јавни обвинители, за судија во Апелациски суд може да биде избран само кандидат кој има најмалку четири години судско искуство во Основниот суд, додека, пак, за судија во Врховниот суд на РМ може да биде избран само кандидат кој има работно искуство од најмалку шест години стекнат судски стаж како судија во Апелациски суд, рече Ушковски.
Во контекст на ова додаде дека за избор во повисок суд се избира кандидат кој во последната година бил оценет со највисока позитивна оценка во однос на другите пријавени лица, односно да има добиено најголем број на бодови согласно законот. – Со ова веднаш укажувам дека од страна на Судскиот совет се отстранети секакви видови на влијанија и мешање и со тоа на највисоко ниво е гарантирана независноста на судиите, истакна Ушковски
Министерот за правда Аднан Јашари рече дека Судскиот совет ја има задачата за заштита на независноста на судскиот систем и независноста на судиите што треба да им овозможи на судиите да ги извршуваат своите функции надвор од секаква контрола, на извршната и законодавната власт и без притисоци одвнатре во самото судство.
– Во таа насока Судскиот совет е должен да ја брани од секаков надворешен притисок или предрасуди од политичка, идеолошка, културна природа неограничената слобода на судиите да одлучуваат по своите предмети непристрасно во согласност со својата совест и сопствената интерпретација, или пак, толкување на фактите и во согласност со владеење на правото, рече Јашари.
Претседателката на Врховниот суд на Република Македонија Лидија Неделкова во своето обраќање истакна дека во овој момент може да се разговара само за формалните закани врз независноста на судиите кои, како што рече, на некој начин се и определени бидејќи неформалните се понеопределиви и индивидуални, односно субјективни и секој обид за нивно групирање може бил несоодветен.
– Евентуалните формални влијанија би можеле да произлегуваат од поставеноста на целокупната судска власт и особено дефиницијата за носителот на судската власт и меѓусебната зависност. Имајќи ги предвид овластувањата на Судскиот совет во оценувањето на работата на судиите и нивното разрешување како овластувања кои произлегуваат од Уставот и Законот за судски совет, како и дел од овластувањата на Врховниот суд на РМ поврзани со горните активности се поставува прашањето колку и на кој начин овие органи со намера или влез може да се мешаат во независноста на судијата и кои механизми може да го подобрат остварувањето на заштитата на судиите од мешање во нивната независност, истакна Неделкова.
Додаде дека токму горните евентуални закани се и треба да бидат најголемиот заштитник на независноста на судијата т.е. Судскиот совет, Врховниот суд и судовите од втор степен кои со своите постапувања треба да градат општо прифатени стандарди од кои судијата нема да има потреба ниту можност да излезе. Овие стандарди, рече Неделкова, се најсилен гарант за неговата независност и одбрана од секаков вид на влијание.
На прашањето за случаите „Монструм“, „Сопот“, или други случаи поврзани со објавување, односно што се во надлежност на Специјалната јавна обвинителка, министерот Јашари рече дека согласно законот кој беше усвоен од страна на Собранието на РМ, точно се наведува дека во зависност на содржината на тие акции што ќе бидат доставени до Специјалниот јавен обвинител ќе биде утврдена и неговата надлежноат.
– Ако во конкретниот случај постојат такви докази и во однос на овие случаи врз основа на што Специјалниот јавен обвинител се смета како надлежна тогаш таа по службен пат ќе има потреба да поведе постапка и за овие случаи, истакна Јашари.
Министерот информираше дека во моментов Специјалниот јавен обвинител има две канцеларии во Министерството за правда, бидејќи понудените простории од СОЗР, таа не ги прифатила. Со објавување на јавен тендер за обезбедување на простории, како што додаде министерот Јашари, во рок од пет дена обвинителката ќе биде обезбедена со простории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Врховниот и Кривичниот Суд со нови претседатели
-
Судскиот совет ќе расправа за оставката на судијката Михајлова
-
СЈО да им ги остави митингашките пресови на политичарите
-
Судски совет: Трпиме притисоци од СЈО и медиумите, бескомпромисно ќе се бориме за независноста на судската власт и достоинството на судиите