| четврток, 6 декември 2018 |

Со новата Јужна рута мигрантите ја заобиколуваат Македонија?

Во реонот на Дубровник започна изградбата на привремени бегалски кампови, кои ќе можат да прифатат меѓу 3.000 и 5.000 луѓе, доколку тие се одлучат за таканаречената Јужна рута.

Новaта траса повторно ќе тргнува од Грција, но овој пат ќе поминува преку Албанија, Црна Гора и ќе достигнува до Хрватска.

„Добивме информации дека бегалците ја дискутираат можноста поради лошото време, затворањето на границата со Унгарија и тензиите на границата меѓу Хрватска и Србија да започнат да го користат долниот дел на трасата”, се вели во соопштението на регионалната управа во Дубровник.

Загребскиот весник „Јутарњи лист” пишува дека “Јужниот пат” ќе минува низ Албанија, Црна Гора и Хрватска, а бегалците ќе ги користат граничните премини Виталиј, Горни Бргат и Ново Село.

Како најзгодно место за прифаќање на бегалци е избран полуостровот Превлака, каде постои потребната инфраструктура и опрема, се вели уште во соопштението на регионалната управа во Дубровник.

Подготовките во Превлака се веќе започнати, бидејќи таму се очекуваат да пристигнат и првите мигранти по море. Во овој случај тие ќе бидат пречекани на пристаништето во Дубровник.

Неофицијално се споменува и најоддалечениот населен хрватски остров Ластово, каде има напуштена стара воена база. Ластово може да се претвори во хрватската Лампедуза, се вели во анализата на експертите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top