| четврток, 6 декември 2018 |

Се празнува Крстовден, ден кога не се работи и се пости без масло

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 септември и се празнува Воздвижение на св.Крст – Крстовден (пост).

Празникот Воздвижение на чесниот крст, во народот познат како Крстовден, се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим.

Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Наоѓањето на чесниот крст врз кој бил распнат Исус ѝ се припишува на царицата св. Елена мајката на славниот цар св. Константин Велики, основоположникот на Цариград (Константинопол) и првиот император што ја признал христијанската вера.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

И нашиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло.

Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје и др. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Крстана, Кристина, Христина, Кристијан…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top