| четврток, 6 декември 2018 |

Манчевски: За да снимаш филм треба да имаш срце

Манчевски ги советуваше студентите секогаш да ја знаат причината зошто прават нешто на начинот на којшто го прават тоа и дека погрешно е ако прават нешто затоа што им се може

Најпрославениот македонски режисер Милчо Манчевски вчера одржа два мастер-класа во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Во првиот мастер-клас, насловен „Уметноста и вештината на режирањето на кадарот“, Манчевски анализираше неколку начини како режисерот да се постави и да се насочи кон основната филмска единица – кадарот. Во рамките на овој двочасовен мастер-клас, тој се користеше со дваесетина сцени од култни филмови и од своите филмови за да ја илустрира дискусијата.

Во вториот мастер- клас Манчевски работеше го демонстрираше неговиот пристап на работа со актери преку сцена од холивудски филмска класика. Минатата ноќ се случи и промоцијата на монографијата за Манчевски, чијшто уредник е Марина Костова. Освен Костова, на промоцијата беше присутна и главната авторка на биографијата д-р Ирис Кронауер од Германија. Модератор беше Игор Војновски.

Во првиот мастер-клас Манчевски рече дека би сакал да ги охрабри сите да поставуваат прашања за сè што е поврзано со филмот, со темата, со кадрите или за сè што е поврзано со правење на филм.

-Овој мастер-клас е за студентите од филмските академии, но, исто така, и за љубителите на филмот и за филмските професионалци, кои сакаат да се потсетат на основите на филмот – рече тој.

На студентите и на другите присутни им беа прикажани сцени од различни култни филмови.

Првиот кадар беше од филмот „Добри момци“ на Мартин Скорсезе. Станува збор за легендарната сцена од кујната во ноќниот клуб снимена само во еден кадар. Преку дијалог со публиката Манчевски ја расветли причината зад снимањето на тој кадар.

Манчевски ги советуваше студентите секогаш да ја знаат причината зошто прават нешто на начинот на кој го прават тоа и дека погрешно е ако прават нешто затоа што им се може.

-Може да станува збор за интуитивност, но мора да постои искреност. За да снимате филм треба да имате срце – рече тој.

Уредничката на монографијата за Манчевски, Марина Костова, истакна дека на книгата посветиле две години обемна работа и ова е, всушност, продожение на претходната книга што излегла пред 10 години во соработка со колегата Благоја Куновски. Книгата има 650 страници и е своевидно сеопфатно резиме на сред кариера на уметникот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top