Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички, ќе има ограничен буџет во новата сезона со кој тешко ќе ги оствари амбициите кои му доликуваат на ваков клуб. На вечерашната бурна седница на Управниот Одбор привремено се одложени оставките на дел од водечките луѓе, откако беа добиени уверувања дека парите неопходни само за скромно опстојување на клубот од „Градски парк“ ќе бидат обезбедени во најскоро можно време. Поточно, поранешниот македонски селектор, сега тренер на Работнички, Марин Докузовски, ќе може да ангажира уште двајца поискусни кошаркари, кои заедно со Димитар Мираковски би го понеле целиот товар во новата сезона.
Во прв план е ангажман на Стојан Ѓуроски и Бојан Крстевски, со кои се веќе почнати преговори, за токму тие да бидат нови играчи на трофејниот клуб во можеби најтешкиот период од неговата понова историја. Дури доколку некој од нив не се согласи на трансфер во „Градски парк“ би се разгледувале други опции, најверојатно со засилувања од странство.
Притоа, на Управниот Одбор децидно било порачано дека повеќе пари за дополнување на ростерот нема, со што јасно се става до знаење дека со тројца поискусни играчи и десетина младинци тренерот Докузовски ќе биде принуден со една ваква комбинација на кошаркари да го извлече најдобро што може.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.