| четврток, 6 декември 2018 |

Дејан Лилиќ нема да се пријави на конкурсот за директор на МНТ

dejan-lilic-1

МНТ го очекува новиот директор. Објавен е нов оглас за позицијата на која во моментов е познатиот македонски актер Дејан Лилиќ. Се зборува за можноста тој повторно да се пријави на огласот, кој трае уште неколку дена. „Република“  одговорот на ова прашање го побара директно од Лилиќ.

-Не, нема да се пријавам на конкурсот за избор на директор на Националната установа Македонски народен театар. Toa што го имав како визија за МНТ и идеите што ги имав за театарот  кога влегов како директор ги остварив за овие години.  Како менаџер, заедно со мојот тим направивме сериозен исчекор во историјата на македонскиот театар и театарската култура во земјава – вели Лилиќ на нашето прашање дали ќе влезе во трка за нов мандат.

Во историјата за директорувањето на Лилиќ ќе влезе дека тој е првиот директор што го раководител театарот од отворањето на новата театарска зграда со која почна едно ново поглавје во македонската култура.

-На влегувањето во нов театар сите гледаа со страв и со песимизам, но се создадоа театарски претстави, проекти што претставуваат сериозна, нова перцепција за театарот. Создадовме една поинаква слика за тоа што значи театар, на публиката ѝ понудивме едно сосема поинакво уметничко доживување  – коментира сѐ уште актуелниот директор на МНТ.

За овие четири години, додека познатиот актер ја раководи најголемата театарска институција во земјава, поставени се нови 35 претстави. Организирани се големи настани, концерти, копродукции. Направени се договори за проекти со три големи европски театри, два веќе се реализираат, еден ќе се реализира во април.

-За првпат во Македонија се отвори Театарски музеј, кој полека се оформува. Направивме тетатарски фестивал, кој е прогласен за одличен, не само од домашните, туку и од страна на странските национални институции. Пуштивме сигнал за интернет-телевизија,  единствен таков пример во регионот, кој ќе биде промоција на МНТ, како и на комплетната театарска култура. Секоја сезона минимум двајца странски режисери режираа во МНТ, а ја собравме најдобрата режисерска елита во Македонија и нивните претстави се сѐ уште на репертоарот.  МНТ имаше многу патувања и гостувања, освоивме многу награди. Наметнавме и една поинаква димензија во промоцијата и маркетингот во театри, направивме плакати,  програмски брошури и промотивни материјали, кои даваат слика на сериозност и на организираност – вели Лилиќ.

За овие четири-пет години во МНТ се отворени повеќе од 40 работни места. На сцената се вратија актери што македонската публика одамна ги нема видено, односно актери, кои иако биле вработени во МНТ, не се појавуваа на театарската сцена. Актерите станаа интересни за медиумите и за публиката, се промовираа многу нови имиња. Простор за своја претстава добија многу македонски режисери, гостуваа најдобрите европски театри. Статистиката вели дека новиот театар за една година и два месеца го посетиле 100.000 гледачи. Салата е исполнета за секоја претстава на репертоарот на овој театар.

Класиката, убавиот збор, но и алтернативниот ракопис се вртени на сцената и успеавме на македонскиот театарски гледач да му понудиме нешто што е на едно поинакво, повисоко ниво – вели Лилиќ.

Што се плановите на Дејан Лилиќ по директорскиот мандат? Актерот не сакаше многу да зборува за своите планови. За одлуката да не конкурира за нов мандат вели:  Сега ме интересираат некои нови, поинакви ангажмани и предизвици.

Тој останува на театарската сцена, од која, реално, никогаш и не се откажа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top