| четврток, 6 декември 2018 |

Со „Македонија вработува“ досега вработени над 6.300 лица

мак

Преку проектот „Македонија вработува“ досега за нецели пет месеци се вработија 6.330 лица во 4.150 приватни македонски компании, информира денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Преку проектот „Македонија вработува“, рече тој, од ден на ден се зголемува бројот на нови отворени работни места.

– Овој проект стана препознатлив кај приватните компании, меѓутоа и кај сите граѓани на нашата држава. Досега преку овој проект, односно за нецели пет месеци се вработија 6.330 лица, што е значителен успех. Тој значително влијае на намалување на невработеноста во нашата држава и на создавање нови работи места. Вкупно досега го искористија над 4.150 приватни македонски компании, односно ги искористија поволностите за ослободување од плаќање социјални придонеси во период од една па се до пет години во зависност од категоријата на невработеното лице кое што ќе го вработат  – истакна министерот Спасов одговарајќи на новинарско прашање по посетата на градинката „Пролет“.

Напомена дека овој проект им помага на младите лица, односно досега се вработиле над 1.760 млади лица до 29 години и над 2.200 лица што се од 20 до 35 години.

– Проектот помага и на повозрасните, односно оние од 35 до 50 години од кои има вработено над 800 лица, но и на највозрасната категорија, односно над 50 години. Од оваа категорија вработени се над 1.280 лица. Ова е показател дека со овој проект им се помага и на помладите, меѓутоа и на повозрасните категории граѓани побрзо да го најдат своето работно место, а исто така и на македонските компании – истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top