| четврток, 6 декември 2018 |

Целосен колапс, Хрватска забрани влез на возила со српски регистарски таблички

хрват

Хрватска реагираше на мерката на Србија да го блокира влезот на хрватска стока на сите гранични премини, со тоа што од утрово забрани влез на автомобили и на камиони со српски регистарски таблички.

Хрватскиот одговор на Србија е забрана на патничкиот сообраќај, изјави министерот за внатрешни работи на Хрватска, Ранко Остојиќ.

Се работи за забрана за влез во Хрватска на сите лични автомобили и автобуси со српски регистарски таблички, вели Остојиќ.

Неколку камиони од Македонија, во раните утрински часови во четврток го блокираа сообраќајот на влез во Хрватска на граничниот премин „Бајаково“, јави Танјуг, и пренесува дека хрватските власти од тој премин по полноќ ги враќале возилата и патниците со српски пасоши.

Три камиони што превезуваат стока што се расипала се паркирале на меѓудржавниот простор меѓу „Батровци“ и „Бајаково“ незадоволни од повеќедневното чекање и се закануваат дека стоката ќе ја истоварат во тоа подрачје, а хрватската полиција се обидува да ги тргне.

Известувачот за Танјуг, според српски полициски извори, јавува дека по примената на српските противмерки оневозможен е влез во Хрватска на сите кои имаат српски пасоши.

Неколку возила и автобуси се вратени од граничниот премин „Бајаково“ во Србија, а патниците велат дека не ги пуштиле во Хрватска со образложение дека ни едно српско возило, ниту државјанин не можат да влезат во Хрватска.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ во четврток изјави дека Хрватска нема да ја укине блокадата на граничниот премин Бајаково, откако Србија воведе противмерки, иако тоа било планирано.

– Не, нема да ја отвориме границата, јас, планирав, како што реков порано, утре да ги отворам границите, но сега мораме на ова да реагираме – рече Милановиќ по завршувањето на самитот на ЕУ за бегалската криза.

– Што се однесува на ситуацијата со Србија и српската влада, жал ми е. Сè што барав беше дел од бегалците да се праќаат горе на Хоргош, малку да нè растоварат – рече Милановиќ.

Од полноќ стапија на сила српските противмерки на одлуката на Хрватска за товарниот сообраќај да се затворат граничните премини кон Србија, и забранетиот увоз од Хрватска, потврди на полноќ српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, на граничниот премин „Батровци-Бајаково“.

-Сега ја донесоа таа мерка, разговарав за тоа во текот на вечерта со Федерика Могерини. Што точно ќе направиме тоа ќе го каже министерот за внатрешни работи. Значи, нема да има насилство, ниту војна, да се разбереме, сè е мирно, но ова не е нормално однесување – рече Милановиќ.

Додаде дека Вучиќ (српскиот премиер)во телефонски разговор му рекол дека ќе направат сè, а не направи ништо и никој не преминува преку унгарскиот граничен премин Хоргош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top