| четврток, 6 декември 2018 |

Богоевски четири часа сведочеше за поткупот на македонските политичари во милионската афера

slobodan-bogoevski-sajt-7

Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски вчера се појави во Јавното обвинителство на сослушување како сведок за аферата со “Маѓар телеком# милионската афера, за која е во тек и постапка пред судот во Њујорк.

Богоевски беше повикан на сослушување, откако во саботата се врати од неколкудневниот одмор на доиздржување на казната во кумановскиот затвор. Богоевски ја отслужува двегодишната казна за случајот “Агент#, односно за продажба на државно земјиште – плац со површина од 19.000 метри, во непосредна близина на Спортскиот центар “Борис Трајковски”.

Тој во меѓувреме не сакаше да коментира ништо што е поврзано со скандалот “Маѓар телеком”, со објаснување дека се што имал, кажал и дека има премногу докази кои се тука и кои му се на располагање на обвинителот.

Распитот на Богоевски траеше околу четири часа, по што тој повторно со полициско комбе е вратен во затворот во Куманово. Богоевски пред нашите истражни органи треба да го повтори или појасни тврдењето што го дал пред Њујоршкиот суд, а кои беа повод македонското обвинителство да го отвори предметот.

Тој тврдеше дека за да се спречи либерализација на телекомуникацискиот пазар во Македонија, во 2005-та Кондоминас им исплатил по 2 и пол милиони евра на тогашниот премиер Бучковски, тогашниот и актуелен вицепремиер Муса Џафери и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Откако беше објавено сведочењето сите инволвирани ги негираа ваквите тврдења.

Засега не се обелоденува кој се ќе се најде на листата на сведоци во предистражната постапка која обвинителството ја отвори неодамна по “допрен глас од јавноста”.

Инаку, Њујоршкиот суд за овој мега скандал го отвори сведочењето на Богоевски за јавноста, за што веќе Вечер пишуваше.
Вечер и пред неполни 10 години, прв ја објави аферата Телеком, перењето пари во Кипар преку Чаптекс холдинг и македонските функционери кои примиле мито за обезбедување повластена позиција на Македонски Телеком во земјава. Во нон-пејперот кој го објавивме тогаш, а кој е една од основите за отпочнување истрага на Американците во Дојче Телеком и правна разрешница на случајот, освен името на експремиерот Владо Бучковски, наведени се и имињата на функционерите на ДУИ кои во кеш примиле мито од 2,5 милиони евра во тетовска Мала Речица

Њујоршкиот суд што го води случајот против директорите на “Маѓар телеком” го отвори за јавноста сведочењето на Богоевски, како и други документи од кои може да се прочита името на бившиот висок македонски функционер кој е посочен за примање мито, кој се бил вмешан, како се одвивала шемата на корумпирањето и многу други пикантерии околу сведочењето, кое се одвивало во Амбасадата на САД во Скопје, и лично и преку видеоконференција.

Повод за објавувањето на документот е отфрлањето на барањето на тројцата обвинети директори на “Маѓар Телеком#, Андраш Балог, Елек Штрауб и Тамаш Морваи, да не биде прифатено сведочењето на Богоевски бидејќи немале доволно можност да го испрашаат на вкрстеното сослушување организирано исто така во Амбасадата на САД во Скопје преку видеоконференција.
Според она што стои во официјалниот документ на тужителот – Американската комисија за хартии од вредност (СЕЦ), Богоевски потврдил дека бил вклучен како посредник во корумпирањето и притоа ги обезбедил клучните документи и мејлови, поради што СЕЦ “ја сфаќа вознемиреноста# кај обвинетите од неговото сведочење.

Во сведоштвото дадено под заклетва и под целосна кривична одговорност, Богоевски сведочел дека тој ги договорил првите контакти околу “зделката#, а иницијатор бил неговиот пријател, грчкиот магнат Димитрис Кондоминас, при што во текот на 2005 и 2006 година било договорено мито за високи македонски функционери за да ја заштитат привилегираната позиција на “Маѓар телеком#. Главната цел била, според сведочењето, да се спречат ефектите од новиот Закон за електронски комуникации со кој требаше да се либерализира пазарот и да се олесни влезот на Македонија во ЕУ.
Во целиот процес во Њујорк биле испитани повеќе сведоци, од кои осум од Македонија и четири од Германија. Според тужителот – САД, Богоевски е клучен сведок во случајот и застанал со потпис зад секоја страница од транскриптот од сведочењето.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top