| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Економската соработка со БиХ заостанува зад политичката соработка

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата било разговарано за традиционално добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, за регионалната соработка и иницијативи, како и за европските и евроатлантските интеграции на двете земји.

-Претседателот Иванов и министерот Црнадак изразија заеднички интерес за јакнење и продлабочување на билатерална соработка, која се одвива успешно и без отворени прашања. Во тој контекст, претседателот Иванов, истакна дека е потребно динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, и оттука, посетата на министерот Црнадак, претставува конкретна потврда на заемните заложби во таа насока – велат од кабинетот на македонскиот претседател.

ivanov i bosanec

Во однос на економската соработка, соговорниците констатирале дека заостанува зад политичката соработка и не кореспондира со објективните можности и капацитети на двете економии, и притоа, изразиле заемен интерес за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување.

– Претседателот Иванов и министерот Црнадак се согласија дека ЕУ и НАТО интеграцијата на државите од Западен Балкан, се потребни не само заради зголемена соработка во сите сфери од интерес на државите од регионот, туку и заради силната поддршка која ја имаат во реформските процеси во нашите општества, и затоа мора да се забрзаат. Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е подготвена за поблиска соработка меѓу двете земји во контекст на ЕУ пристапниот процес. На средбата беа разменети мислења и информации во врска со моменталните предизвици поврзани со мигрантската криза – додаваат од Кабинетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top