Србија го активира Механизмот на ЕУ за цивилна заштита со цел да добие материјална поддршка за соочување со големиот бран бегалци и баратели на азил, а комесарот на ЕУ за хуманитарна помош и управување вонредни ситуации Христос Стилијанидес ја повика ЕУ да покаже солидарност кон Србија.
Во соопштението на ЕУ инфо-центарот се наведува дека Центарот за координација на вонредени ситуации на ЕК тесно соработува со властите во Србија и со други земји, кои учествуваат во механизмот, со цел да координира брз одговор на ваквото барање.
Србија побарала материјална поддршка за кревети, легла, средства за хигиена, возила, гориво и за храна.
– Ги повикуваме земјите-членки на ЕУ да покажат солидарност кон Србија сега, кога ѝ е потребна помош. Во постојан контакт сме со надлежните во Белград со цел координација на итна испорака на материјална поддршка што се нуди од земјите-членки – истакна Стилијанидес.
Сите земји-членки на ЕУ се дел од механизмот за цивилна заштита, како и Македонија, Исланд, Норвешка, Србија и Црна Гора.
Секоја држава може да го активира механизмот, како и ОН и одредени меѓународни организации. Механизмот предвидува финансиска и стручна помош, интервентни тимови и модули за давање специфична опрема за земји зафатени од катастрофа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.